Би славеле ли раскинување?

Мора да признаете дека цел живот меѓусебна омраза звучи далеку полошо од журка за раскинување. Или славење годишнина од раскинувањето. Со гости, со торта, со балони, со сè. Или пак, со вечера за двајца(та) во фин ресторан.

Замислете што убави чуда ќе ѝ се случат на вашата психа, или како тоа ќе влијае на оној фин closure концепт - или затворање на кругот.

Не зборуваме за бивши од по 3-4 месеци, колку што е потребно време да сфатиш дека некој ти оди на нерви. Зборуваме за врски од 5, 10, 15 и повеќе години кои конечно доаѓаат до крај.

Од другата страна имаш човек кој те познава со години, живеел со тебе, ти ги знае навиките, и сте се сакале. И ако раскинувањето е пријателско, а човекот сè уште го бива, одлична идеја е да си направиш „годишнина од раскинување”, што ќе ја искористиш за да одиш на фино место или да се набуташ со фина храна. Така на пример прават една новинарка од Bustle и нејзината поранешна девојка Кејти. Секоја година се среќаваат, па или одат во скап индиски ресторан, или посетуваат некакви фестивали за храна, муабетат, се сликаат за на Инстаграм и си проаѓаат фино.

Во 2017-та, пријатели на Џеси Доналдсон, кој пишува за Vice, ја раскинуваат нивната свршувачка и прават забава по тој повод. Со сите нишани, од храна, до „ѕид на спомени” со слики од нив кога биле заедно. Една година порано, друг пар, Џеф Бесера и Мишел Махони прават забава за пријателите и семејството за прославување на крајот на нивните 24 години брак. А во 2011-та, и Џек Вајт и жена му Карен Елсон направија забава за конечниот крај на нивниот развод, со тоа што нешто подоцна, Елсон побара забрана за пристап, па не мора да значи баш дека продолжиле да се дружат.

Аманда Чател, исто така новинарка за Bustle, решила да си направи журка во Плаза во Њујорк (со земање кредит) кога дознала дека сопругот ја изневерува. Постојат дури и фирми што средуваат за вакви журки, и имињата на понудите не им се ништо помалку јаки од бизнисот - на пример, кој не би земал пакет „Крај на една грешка”?

Би славеле ли вакви работи? Раскинувањата не се пријатни, ама идејата дека нешто што некогаш било добро не мора засекогаш да биде заборавено - баш е.

14 јануари 2019 - 01:39