Во 2018, моето петчлено семејство се најде на крстопат. Ја надраснавме куќичката во урбано место од 700.000 луѓе и имавме опција или да се преселиме во предградие, или во рурална област. Многу места разгледувавме, но главен избор ни беше мојот роден град - снежно, планинско гратче во Јута со популација од 2000 души.
Таму си мислев дека моите деца ќе имаат можност за вистинско детство, каде што би возеле велосипеди до базен, би пешачеле докај баба им, или би работеле со дедо им на фарма.
Кога се преселивме, идејата дека децата подобро ќе растат во мало гратче беше само хипотеза. Сега, после седум години, самоуверено можам да кажам дека го направивме вистинскиот избор.
Последното училиште каде што работев беше едно од најдобрите во државата. Учениците доаѓаа од стабилни, богати соседства и семејства. Имаа многу предности во животот, а сепак, ми се чинеше како да ги пропуштаат најдобрите делови од детството. Голем дел од денот им се состоеше од разнесување со кола, домашни, договорени активности и видео-игри. Немаа авантура, немаа како да научат отпорност. А, имаат само едно детство. Затоа сакав моите да пораснат со слобода да летаат, како што растев јас.
Откако се преселивме, едно од децата го пропушти автобусот и проба да пешачи 17 километри до дома. Никој не се јави во полиција и не ме караше што така направил, напротив - некој го видел како пешачи сам, сфатил дека нешто не е во ред и го донел во школото каде што го чекав јас. Во град, не би ја добиле таа енергија на заедништво на мала заедница.
Мали беа кога се преселивме, но пораснати се во љубезни, способни луѓе. Имаа искуства што не би ги имале ако живеевме во град и уживаат во слободата што ја имаат тука.
Ми недостига градот. Ми недостигаат пријателите, да бидам блиску до аеродром, да имам испорака до врата и лесно да најдам фирма за чистење теписи. Но, кога ги гледам децата како ми растат во самоуверени, балансирани личности, тешко ми е да замислам да ги преселам.
Селскиот живот има многу недостатоци, но цената е мала за независноста што моите деца можат да си ја дозволат.