Бескрајното откажување на Кевин Спејси

Кога Спејси го ослободија од сите обвиненија во јули, некои се понадеваа дека #MeToo ќе престанат да го ловат кај стигнат. Му се исчисти образот, па помисливме дека на раат ќе се врати на глумење. Може и некој ќе му се извини. Не.

Сепак, месецов, премиерата на првиот филм на Спејси откако го ослободија беше откажана. Киното Принц Чарлс во Лондон требаше прво да го емитува „Контрола“, каде што Спејси позајмува глас на киднапер што ја презема контролата на автономно возило, но сепак, месец дена пред да се случи премиерата, киното се повлече.

Грег Лин, менаџерот на киното во имејл до продукцијата напиша дека се „избезумени што се во иста реченица со новиот филм на Спејси“ и ептен скоро сфатиле дека и него го има и дека ќе дојде на премиерата.

Овој третман е запрепастувачки. Спејси веќе втор пат го прогласуваат за невин, и тоа две различни јурисдикции. Зошто луѓето сѐ уште не попуштаат? Минатиот октомври, Спејси победи во граѓанска тужба против Ентони Рап. Во 2017, Рап го шокираше светот кога обвини дека Спејси сексуално го напаствувал во 1986, кога имал 26, а Рап 14 години. Во 2022, поротата едногласно одлучи, после само 90 минути заседавање дека таков напад немало. Сега во јули, го ослободија уште еднаш, овој пат во Лондон, а на крајот на судењето, дури и го гушкаа поротници во знак на поддршка.

И тука требаше сето тоа да заврши. Спејси два пати докажа дека обвинувањата против него не држат вода. Сепак, ловот на вештерки не се смири. Откако Рап јавно ги кажа обвинувањата, Холивуд го исфрли Кевин Спејси, филмската индустрија си остана на мантрата „веруваме на сите жртви“ и претпостави дека сите тврдења се точни, па дури и се обидоа буквално да го ретушираат од историјата. Се потрошија милиони долари за Кристофер Пламер да го замени Спејси во „Сите пари на светот“.

Среќа, студиото зад „Контрола“ успеало да најде друга локација за премиерата, но до ова не требаше да дојде. Киното Принц Чарлс е избезумено затоа што невин човек ќе дојде на премиера?

На крајот, дали Спејси беше виновен или не, никогаш не им беше важно на #MeToo ловците на вештерки.

А чисто за илустрација, денес Гардијан објави дека Спејси се појавил во театар во Оксфорд каде што го пречекале со овации, откако одиграл петминутна сцена од драма на Шекспир.

17 октомври 2023 - 13:45