Баталете купачите, самолеплива трака му е мајката

Така барем кажува Џоел Алварез од Мајами Бич. со неговата најнова колекција.

Самолепливата трака е доста корисна работа - сме ја користеле во школо, сме поправале набрзинка по нешто, такви ствари. Двостраната одамна се користи во модниот свет - Џеј Ло, на пример, кога сака да има деколте до глуждови, со двострана трака се осигурува дека нема да го почасти светот со голи гради.

Но, во саботата, самолепливата трака си најде уште една корисност - материјал за костими за капење.

Локалниот дизајнер Џоел Алварез си ги испрати манекенките во јавност во специјален адхезив што функционира на кожа и не остава никакви лепливи остатоци кога ќе се отстрани.

На Инстаграм можете да го видите таканаречениот Крал на траката како во последен момент ги подготвува жените пред да излезат на писта - стратешки се мести лепенката на интимните делови, се разбира.

Со ова заинтересираните и сами можат да си направат креација за на плажа. Се продава онлајн, на BlackTapeProject.com, а таму ќе ја најдете и животната приказна на Алварез, неговото дно во 2008 кога живеел во кола, па како кај неговиот починат дедо нашол кутија со пари.

Исплатил неколку долгови, па со последните 1500 долари купил апарат и си го исполнил сонот да стане фотограф.

Како почетник памети дека една манекенка го замолила да ја залепи со електрична трака и така му текнало. Еден ден во 2017 одлучил да ја облече Мис Порторико за добротворен настан во златна-металик трака и видеото за малку „ќе го скршело интернетот“.

„Мејловите, приватните пораки и телефонот ми побеснеа со барања за интервјуа и статии по пишани и тв-медиуми,“ вели тој. „Бев толку шокиран и ми текнува дека се запрашав, дали е ова заради траката? Од тој момент работам на сѐ подобри дизајни со самолеплива трака, и среќавам неверојатни луѓе по пат.“

Дома сигурно имате некаков селотејп. Пробајте, што.

19 јули 2021 - 09:44