Првиот трансродов плејмејт во Плејбој:

Ако може Плејбој, може и светот

Француската манекенка Инес Рау влегува во историјата како првиот трансродов плејмејт откако постои списанието. Ќе ја има во ноември, на фотографии од Дерек Кетела. Прашањето што се поставува е, колку од тие што купуваат Плејбој за сликите, а не за текстовите - ќе сфатат?

И не само дали ќе сфатат, туку и дали и понатаму ќе мрчат околу целата таа ствар, што тотално никако не им го менува животот. Освен што гледаме уште едно убаво лице и тело во списание за убави лица и тела.

Ја имало и претходно, во едно специјално издание од 2014-та. „Вака го прославив откривањето,” изјавува 26-годишната Рау за Плејбој. „Ја искористив шансата и потоа потпишав со агенција што ме претставуваше.

Работела и за Балман и позирала за Вог Италија, но тоа што е и официјално плејмејт ѝ овозможува да ја раскаже нејзината приказна. „Додека снимав, размислував за сите тие тешки денови од детството. А сега, сè што се случува многу ме усреќува и ме радува. Си реков, зарем стварно јас ќе бидам Плејмејт? Тоа е најубавиот комплимент што сум го добила во животот. Како огромен букет од рози е.”

Иако Рау е првиот трансродов плејмејт, не е прв трансродов модел што го имало во Плејбој. Прва е Тула, односно Керолајн Коси, на која од Плејбој ѝ понудиле фото-сесија откако се открила. Во тој момент, тоа било закана за нејзината кариера, но Плејбој ги објавил сликите и покрај притистокот од огласувачите во списанието.

 „Хју Хефнер еднаш рече дека животот е прекраток за да живееш нечиј туѓ сон и мислам дека ова многу кажуваше за тоа колку тој ја почитуваше индивидуалноста на другите луѓе,” вели Тула за Хафингтон Пост. „Секако беше на моја страна.”

Синот на Хју Хефнер, Купер, кој е сега креативен директор на Плејбој, на Твитер изјави дека списанието, а и општеството треба да се бори за „еден поотворен свет, а не свет кој промовира омраза и неприфаќање.”

23 октомври 2017 - 14:05