Ако Фејсбук има поети, тогаш Инстаграм има сликари

Среќа па овој пат нема да фаќаме сеир, затоа што Инез Лонжевиал не е рандом шљакачка по платна, туку сериозен уметник со издржано творештво - а сплет на околности популарноста ја доживува на истата платформа каде што со следачи и лајкови води Кајли Џенер.

Инез слика жени од својата 7-годишна возраст. Како дете, ги сликала жените од семејството. На 27 години веќе има развиено изразено геометриски стил кој ѝ носи 178.000 следачи на Инстаграм и соработки со Најк, Левис, Урбан Аутфитерс и француската креаторка Амели Пикард. Минатиот месец имаше соло изложба во Лос Анџелес, а оваа недела, најновата колекција ќе ѝ биде изложена во Тулуз во истата галерија чија што прва изложба била токму нејзината.

Изложбата со наслов Je Pleure Comme Je Ris има серии со слики кои ја истражуваат женственоста преку претставување на изразите на лицето на една жена.

„На четири од сликите, паѓаат солзи по розеви и кафеави образи и создаваат сивкасти линии; на некои други потезите со четка формираат жени со црвени усни и чиишто розеви образи се прелеваат во кафеави прамени коса,” пишуваат од The Cut, и ја пренесуваат изјавата на Инез: „Опседната сум со овие бои.”

Влијанието ѝ е од растењето во мала, изолирана куќа, на југозападот на Франција, каде што била опкружена со цвеќиња и растенија. „Природата и жените ми се централни во животот,” вели Инез. „Даваат сила, но мораат да бидат и заштитени. Ова се можеби едноставни работи, но ми носат едно смирување и една радост што сакам да ги прославам.”

Инспирација добива и од шпанци како Пикасо и Алмодовар.

20 март 2018 - 11:41