А татковците да поработат нешто по дома?

Ако уште не сте фатиле „Средување со Мари Кондо” на Нетфликс, тогаш сигурно сте виделе барем една статија каде што некој медиум паѓа во несвест колку тоа мора да се гледа. И барем една реакција од гледач што вика „кога веќе фрлате, фрлете го и тој сопругот што негодува дека жена му не средува доволно.”

Од содржината на серијата е подобар само маркетингот кој очигледно го работи некој способен со оглед на тоа што Мари Кондо наскоро ќе почне и од фрижидер да излегува. Се работи за една Јапонка, инаку професионалец за справување со неред и продаван автор, што им помага на збунети американски семејства да си го решат хаосот што го создаваат околу себе во домот, со метод што сте вика КонМари, а се базира на ослободување од предметот (без разлика дали е пар фармерки или рамка за слика) ако не ти „предизвикува радост”. И, како што ќе каже Саманта Дарби за Ромпер, „само чекам некоја од мајките да го напика и мажот во картонска кутија и да го остави пред Црвен крст.”

И вака вели:

„Како родител и сопруга, се поистоветувам со повеќето епизоди каде што има парови со деца. Нивните кујни изгледаат како мојата било кој ден - опаковки од нарачана храна, празни чаши, играчки во мијалникот, полуотворени фиоки и ствари што паѓаат од нив - ама истоштеноста и срамот во нивните очи? И како мораа да копаат по валканиот веш да најдат некакви шорцеви на сопругот? Претераната потреба да објаснат како дошло до тој степен на хаос? И со тоа се поистоветувам.”

Ова може да се види уште од првата епизода. Мајката, Рејчел не работи, со две мали деца е и неред што мисли дека како товар ѝ паѓа само на нејзе, а за жал истото мислење го има и нејзиниот сопруг Кевин. Од старт, Рејчел се обидува да си ја припише вината, со изјава „Тој е многу почист од мене,” а тој додава, „МНОГУ.” И Рејчел плаче неколку пати во текот на епизодата. Десет минути по почетокот, веќе слушаме за перењето и како Рејчел не сакала да се мафта со тоа, па најмила некој да ѝ го среди.

Сопругот се нервира што е тоа така.

Не дека тој очекува таа да чува деца и да пере, таман работа, само сака (???) „заедно да седнат и како фамилија да го направат тоа.”

Ете де, нека испере он како фамилија.

После има епизоди каде што еден татко се лути што жена му не сака да се ослободи од играчките затоа што е сентиментално врзана за нив, па уште една мајка плаче затоа што „е мајката, и од нејзе се очекува да организира, да средува и да знае сè каде е.”

И такви колку сакаш. На интернет има илјадници статии, мемиња и стрипчиња на тема не-толку-хармоничната поделба на домашните обврски, а една анкета од 2015-та покажува дека жените по дома работат речиси цел час повеќе од мажите. Анкетава е од Америка, а замислете тука да ја направиме, покрај сите тие прашања во женски групи „Ajde devojki sto mislite treba li mazot da raboti po doma?” Од потребата да се постави прашањево, попоразителни се само реакциите. Бираме меѓу „nema potreba da raboti toj ako zenata se si brka sama” и „haaahahhahh nego ako go cekam”. И слични, и полоши. И да се вратиме назад на запад, истата анкета покажува по дома работат 22% мажи, наспроти 50% жени.

Што ни кажува, заедно со податоците од серијата, дека проблемот често знае да биде кај мрзливите сопрузи. Фразата што често се дискутира во последно време е „емотивен труд”, и баш тоа е тоа што ги цеди сите жени во „Средување со Мари Кондо”. Ниеден од татковците не предлага дека може да се заангажира - сите чекаат Кондо да ги научи жените како веќе еднаш засекогаш да ја средат кујната.

Фино е да научиш да диплиш и да задржиш само работи што те радуваат. Магијата на методот КонМари навистина функционира и помага куќата да ти стане среќно место за живеење. Сепак, татковците можат да ги ѕирнат епизодите и да сфатат дека и помагање по дома може да им донесе радост на сите.

Којзнае дали мажите на тие „дали мислите дека мажот треба да работи по дома”, гледаат дека жена им буквално се дави во глупости што децата ги мкнат до дневна, или дека нивните раце се еднакво способни за собирање Лего коцки и миење садови?

18 јануари 2019 - 06:41