А можело и да не се краде од уметници

Јавноста може и не забележува, ама толку многу се крадат уметнички дела, дури и локално, што уметниците веќе превртуваат со очи и ги мрзи воопшто да ја почнуваат темата. А сериозен безобразлук е во прашање, и Џефри Стар покажа како треба.

Кај нас, на пример, се обожаваат слики од Скопје. Де ново, де старо, се споделуваат, па се дава виртуелен аплауз на авторот, и замслете, има луѓе што многу го сакаат тој виртуелен аплауз. Толку многу, што не им ни пречи што последната фотографија што ја објавиле - не ја направиле, побитно им е да им речат „свака час”.

Не само што не се повлекуваат кога некој ќе пише „сликава не е твоја, на тојитој е”, или уште полошо „сликава е моја, не лажи”, туку и се расправаат.

И оваа не е само за слики. И не само кај нас. Всушност, кај нас најмалку, затоа што многу малку публицитет добиваат сериозните дела, тоа во странство повеќе ценат.

По свет се прави парче. Зара, што лежи на милијарди без грам осет краде од девојчиња со по 2-3000 следачи на Инстаграм и на првото обвинување покажува дека - нема гајле.

Онлајн продавници за чаши, маици и дуксери со интересни логоа, го ораат Тамблр за идеи и бесрамно си ги лепат и си ги продаваат.

И најново, на новата гардероба на Џефри Стар се појави илустрација, што на Твитер се разгласи дека е уметничко дело на човек што не бил ни прашан.

И дали Џефри Стар „му напрај Зара” на уметникот? Апсолутно не. Затоа што, свашта може да се каже за Џефри, ама не и дека е неоригинален. Скандалот (да, скандал е кога крадеш уметничко дело, ма колку и да ви се чини небитно) се разреши во неколку твитови и приватни пораки. Џефри се извинува, брзопотезно ги повлекува маиците, го отпушта дизајнерот, кој отишол до таму да прецртува од оригиналната илустрација и го контактира оштетениот уметник за соработка.

Така се прави. Во детали е објаснето на клипот, заедно со објаснување што е нарушување на авторски права, што е инспирација, а што е кражба и плагијат.

13 декември 2018 - 13:56