8 нешта на кои треба да кажеме „Не“

Ако влегувате во категорија на луѓе што тешко кажуваат не, време е да излезете од таму.

Без разлика дали сме свесни или не, секој ден сме соочени со притисок - од колеги, пријатели, семејство, општество - и тоа знае да умори.

Доста често, „да“, или, стравот од „не“ се должи на таа паника дека нешто ќе пропуштиме. И во таа паника и внимавање да не пропуштиме нешто, може да се случи да прегориме, и никој да не ни е крив. А некажувањето „не“ од што ти е незгодно е уште поголем злочин врз сопствениот мир.

И како потсетник, заради сакање себе и внимавање на сопственото здравје, еве списоче на нешта што заслужуваат едно „не“. Некогаш мало, некогаш колку врата.

1. Токсични луѓе

Просто е чудо колку пати во денот ни треба потсетник дека за токсични, љубоморни, надмени, штетни, неваспитани и други гадни луѓе нема простор во животот. Не смее да има, или единствената жртва во таа ситуација сме самите ние, затоа што на токсичниот човек не му паѓа тешко да исфрла отров, колку и да го прави тоа ненамерно во некои наврати.

2. Луѓе што те тераат да се чувствуваш небезбедно

Имате ли човек во животот што ве плаши, чии реакции ве тераат да се однесувате претпазливо, или ви е страв да му се обратите?

Се случува да чувствуваме некаква обврска на ваквите луѓе да им викаме „да“ - реалноста е дека не мораме. Исто како и кај токсичните, и со ваквите се фаќа една метафорична метла и се отстрануваат од животот, затоа што - кој има време за плашење од некојси човек?

3. Ситуации во кои се чувствувате непожелно

Напуштања во минатото имаат тенденција да ни влијаат на однесувањето денес, па да се ставаме во ситуации каде што упорно учествуваме во активности, седиме на места и меѓу луѓе каде што се чувствуваме напуштено или непожелно. Замислете го тоа грдо чувство и потоа замислете колку е лесно да не се повтори - едноставно, кажуваш „не“ на таква ситуација.

Меѓу потешките:

4. Не за негативно обраќање кон себе

Прелесно е да потонеш во „требаше, можеше“ и слично. Уште полесно од тоа е да се заборавиш во рафален напад на сопствената личност и физички изглед. Некои луѓе за да се справат со ова, мораат да побараат професионална помош и тоа е во ред. Сепак, свесното надгледување на сопствените мисли и едно обично „не“ кога умот ќе ти залута кон напад на себе може да донесе само позитивни резултати.

5. Не за споредување со другите

Прво: луѓето се претставуваат лажно и ги преувеличуваат своите достигнувања. Второ, нивните достигнувања немаат никаква врска со нас. Можеме да се споредуваме само со некоја мината верзија од себе и да се трудиме да бидеме подобри од вчера. Во однос на другите, можеме да позајмиме инспирација и мотивација, но оној момент кога ќе се придвижиме кон фрустрација и омаловажување на сопствените врвови во споредба со туѓите - не.

6. Не за лоши партнери

„Не“ за секој нездрав однос, каде што нема разбирање со човекот. Запрашајте се дали имате здрава комункација со потенцијалниот партнер пред да му кажете „да“.

7. Не за други да одредуваат колку вредите

Без разлика како изгледаме, како се облекуваме и што правиме во животот, луѓето секогаш ќе имаат мислење за тоа. Марк Аврелиј рекол „Сѐ што ќе чуеме за себе е мислење, а не факт. Сѐ што гледаме е перспектива, а не вистина.“

И веројатно најважно:

8. Не за „смалување“ за да се вклопиме

Не треба да се смалуваме за да нѐ собере некаде. Понекогаш знаеме да се држиме за нешто комфорно - и удобно е, само што - не дозволува развој. Обично се работи за едностран однос, за лоша врска, работа што не нѐ исполнува или лоша навика. Кога се затвораме во комфорна зона, испуштаме можности за раст и развој на личноста и достигнување на најголемиот потенцијал.

Да знаеш да кажеш „не“ е вештина, и тоа тешка за учење и владеење. Ама што е алтернативата? „Да“ на сите грди работи набројани погоре?

Вежбајте.

29 јануари 2021 - 14:39