25 совети што немало кој да ти ги каже пред да станеш мајка

За новите родители подобро да разберат што ги чека, една Кејси Хаф, мајка со Инстаграм, споделува нешта што би сакала некој да ѝ ги кажaл пред да роди прв пат.

Во епитом на „не слушај гаталец, туку паталец“, Хаф главно сака да каже - ќе биде се во ред. И тоа не со мудрување, наметнување и паметување - одговор добивате на највистинските прашања:

1. Ќе имаш шанса повторно да спиеш. Еден ден.

2. Мајчиното млеко е супер за бебиња. Исто и вештачкото. Прави како мораш. Твои цицки, твое бебе.

3. Екраните не се ѓаволот. Само внимавај тоа што го гледа детето да одговара на возраста, па седни и пиј си кафе на раат. (Спреми се и да имаш барем една песна од цртан заглавена во глава цело време.)

4. Знам дека тие бебешки патичиња се преслатки, ама врати ги на полица. Бебето ќе ги носи точно еднаш, пред едната засекогаш да се изгуби.

5. Секогаш имај екстра пакување пилешки прсти во фрижидер, за брзи ручеци или за вечери кога ќе бидеш преуморна за да готвиш.

6. Тој еден пат кога ќе заборавиш резервни алишта за бебето, ќе биде истиот кога ќе се направи лом во јавност. Предупредена си.

7. Единствени што треба да одобрат како ќе се воспитува детето сте ти и партнерот. ТИ си родителот. Сѐ додека работиш во интерес на децата, да не ти е гајле за душебрижниците.

8. Верувај ѝ на интуицијата - речиси секогаш е точна и е вредна дарба.

9. Педијатарот нема да те оговара ако детето носи распар чорапи на контрола.

10. Гугл ти е и најдобар пријател и најлош непријател истовремено, кога проверуваш онлајн како треба со детето.

11. Ќе правиш грешки. Тргни ја грижата на совест и потруди се да направиш подобро следниот пат.

12. Списокот на нешта што „никогаш нема да ги правиш како родител“, секој ден ќе станува сѐ пократок. Во ред е да се потсмеваш на оптимизмот и „знаењето“ што си го имала пред да родиш.

13. Децата го прифаќаат твоето расположение во 90% од случаите. Ако се тешки, размисли како се однесуваш ти.

14. Направи ја палачинката пред да му најавиш форма на детето. Случајно излезени „диносаурус палачинки“ се полесни за правење од испланирани.

15. Ниеден човек со деца нема да очекува куќата да ти биде беспрекорно средена - сама си го правиш тој притисок. Оддржувај го домот среден или несреден колку што тебе ти одговара.

16. Ако на луѓето им е преку глава да гледаат слики од твоите деца онлајн, можат слободно да те стават на хајд. Не се воздржувај да бидеш горда на твоите деца. Покажи си ги!

17. Ако успееш да направиш слика од целото семејство како гледа директно во камера, зачувај ја, стави ја во рамка. Следниот пат може да ти се погоди кога децата ќе ти бидат тинејџери.

18. Дури и кога ќе се колнеш дека си СПРЕМНА на пауза од децата, ќе откриеш дека ти фалат кога ќе се одвоиш од нив.

19. Најдобрите денови се кога сите сте во пижами. Уживај во нив.

20. Да ги сакаш децата во сите нивни форми е половина завршена работа.

21. Бракот е тешка работа, а децата знаат и да го разнишаат. Продолжи да работиш на него, партнерот вреди.

22. Најди си добар пар тренерки или хеланки и купи два пара за деновите кога немаш чиста облека (значи секој ден).

23. Немој да те лажат - никој не е совршен цело време.

24. Добра мајка си. МНОГУ добра мајка си. Извонредна. Ќе има денови кога ќе го забораваш тоа, но не значи дека не е така.

25. Не мора да си совршена за децата многу, МНОГУ да те сакаат.

19 февруари 2020 - 16:55