2020-та ни носи шминка за мажи

И тоа не вообичаената шминка, што до скоро беше само за жени, па почнаа и мажи да не се кријат дека уживаат во тоа. Ова е друго - како што има козметика за мажи (хидратантни креми, тоници, чистачи, масла за брада), сега има и шминка.

Едно време имаше мажи што се шминкаа само со молив или маскара, затоа што така налагаа ’80-ти. Па скоро се појавија мажи што гордо носеа шминка, кармин и хајлајтер во сите можни бои затоа што им се може. Сега има нов правец, специјално дизајнирана шминка за мажи што немаат желба да изгледаат како што најчесто жени изгледаат туку сакаат да се разубават - во превод - да ги сокријат недостатоците. Брендот, за да не се потресуваат е наречен War Paint, затоа што обично така се прави - шампоните за мажи се со црно и тегет и мирисаат на МРАЗ!, кремите за лице се со екстракти од МОТОРНО МАСЛО!, парфемите мирисаат на изгорени ГУМИ!, влажните марамици се во пакување со боја на МАЖЕСТВЕН ВЕТЕР!, а лабелата се за ЛАПАЊЕ ЖЕНИ!. War Paint е сосема природно и очекувано име, ако сакаш да се наместиш удобно меѓу работите што мажите ги прифаќаат.

Основачот, Дени Греј кој има 34 години, како мал го зезале во школо заради ушите, па развил телесна дисморфија. Како тинејџер му се појавиле флеки, па сестра му се понудила да му ги покрие со коректор. Оттогаш се шминка, но, како што кажува, не можел да најде бренд што му одговара, па обезбедил инвестиција од 70.000 фунти и почнал свој.

„Не е само до кармин, молив за очи и шарени бои,” вели тој. „Се работи за поедноставни потреби - да го изедначиш тонот на кожата, да стекнеш самодоверба.”

Сигурен е дека шминката за мажи ќе стане мејнстрим. Пред 20 години мажите не користеа ни креми за лице, а сега, машката нега е најбрзо-растечки сектор во индустријата за убавина. Следниот чекор е шминка.

Не е фер да правиме проблем од ова, особено кога жените имаат толку начини да ги сокријат недостатоците - од мажите се очекува да бидат премногу машки за да им биде гајле. А сепак, индустријата станува сè побогата, па, веројатно Греј е во право - мажите сакаат да изгледаат поубаво, и ако им успева со шминка, макар и таква со мажествено име - ако.

14 јануари 2020 - 12:02