Денес, сѐ повеќе истражувања откриваат дека една вежба инспирирана баш од Сенека - да се покани мозокот буквално да створи визија од најужасните стравови - реализирани, е еден од најефектните лекови против анксиозноста. Научно дефинирано, вежбата се вика имагинална изложеност, или „соочување со тоа што најмногу те плаши“, со призивање во умот, според Д-р Реџин Галанти, лиценциран клинички психолог што редовно интегрира имагинална изложеност во терапија.
А назад пред 2000 години, не е само Сенека, туку десетици грчки и римски филозофи се нашле со истата интуиција, за теоретската вредност грижите да се стават во перспектива.
Во писмо до неговиот пријател Лукилиус, околу 64 година н.е., Сенека пишува:
„Има повеќе нешта што нè плашат отколку нешта што би нè скршиле. Страдаме многу повеќе во имагинацијата отколку во реалноста. Она што те советувам е да не бидеш несреќен пред да дојде кризата, бидејќи може да се случи опасностите од кои се плашиш како да ти се закануваат - никогаш да не ти дојдат.“
Д-р Стефан Хофман, професор по психологија на Универзитетот во Бостон, ги истражува длабоките историски корени на оваа теорија, и мислата на Епиклет: Луѓето не ги вознемируваат нештата, туку погледот што го имаат на нештата.
И вели,
„Идејата зад ова е дека секогаш сме ангажирани околу околината за да ѝ најдеме смисла, и затоа е многу важно како гледаме на работите. Анксиозноста сама по себе е здрав, адаптивен одговор на закана од околината, но понекогаш тие перцепции се погрешни, ако не сте реално во опасност. Понекогаш реагираме со емотивна вознемиреност во ситуации каде што нема смисла така да се чувствуваме.“
Галанти на пример, откако ќе идентификува нечиј страв, се фокусира на валидирање на емоцијата - не на отфрлање или на тешење на пациентот.
„Мислиме дека е природно кога некој е анксиозен да му кажеме, не се секирај, сѐ ќе биде во ред, но анксиозноста не е логична. Често кога ќе нè нападне, правиме сè што можеме за да ја отфрлиме, но ретко ни успева, затоа што не одиме до логичниот заклучок. И така, овие ситни грижи се собираат и никогаш не одвојуваме време и простор да видиме што би се случило кога би се оствариле.“
Советува и да си оставиме барем 15 минути за грижење. Според неа, бидејќи анксиозноста знае да ти се наметне во мислите, се случува на крај да заглавиш во бркање едно, само за да се појави друго. А потребна е стратегија не за да се одложат грижите, туку да одвоиш време за да се грижиш колку што ти душа сака.
„Луѓето ретко ги користат целите 15 минути дозволено време за грижи, но помага за анксиозноста да влезе во перспектива. Понекогаш кога ќе го видиш списокот на грижи, сфаќаш дека тоа што ти пречело во 9 наутро и ти било крај на светот, сега, кога му даваш време за грижење, баш и не те потресува толку.“