Од хонорари наводно значително помали од тие на белите манекенки, до недостаток на инклузивни практики во однос на фризурата и шминката, плус примери на директно искористување само колку да можат да се пофалат со разноликост, 13 манекенки фрлаат светло на системската дискриминација во индустријата со бојкотирање на Модната недела во Мелбурн.
Не ги прозиваат баш организаторите, туку општо пошироката индустрија. Една од нив, Најалуак Лет од Бризбејн вели дека станувало сè потешко да се игнорира скриената дискриминација и расизам.
„Како да е постојана борба. Понекогаш ќе добиеш нешто, но по некое време престанува да вреди да се бориш. Никој не одговара, од тоа што го имам искусено со фотографи, шминкери, дури и агенти. Немаш на кого да се обратиш и да побараш подршка. Тоа е што е. Таква е индустријата. Ама не може. Треба да можам да дојдам на сет и да не морам да објаснувам.“
Решила да се пресели од Сиднеј во Лондон, каде што вели дека црните манекенки не се соочуваат со истите нивоа на дискриминација како во Австралија. Таму е поинклузивно поради генерациите дијаспора и не мора со сила да се вметнува диверзитет затоа што природно постои.
И неколку други манекенки се огласија, коментирајќи дека австралиската мода е форма на самоуништување. Манекенката Авар Малек вели:
„Апсолутно најтрауматичната, дехуманизирачка, недоволно платена и ментално исцедувачка недела и немам желба понатаму да учествувам.“
Забележале и дека сè повеќе црни модели се ангажираат затоа што се поевтини од белите. Вака личи дека се многу инклузивни, а всушност, трае само една недела и индустријата се враќа на „сè бело“ веќе следниот месец.
Како реакција, претставник на Град Мелбурн, кои ја организираат модната недела изјавува:
„Сите манекенки на Модната недела се платени исто, со исклучок на некои попопуларни. Стандардната исплата е споредлива или над исплатата за слични настани од модната индустрија.“
Според некои сведоштва, разликите во примањата меѓу црните и белите манекенки се движат од 1000 до 15000 долари.
Лет вели дека пораката е едноставна:
„Австралија може да се бори со несвесните предрасуди, тоа би било супер. Ако луѓето преземат одговорност за нивното не знаење ќе биде уште подобро.“