Кому му треба прекројувањето на македонската книжевна ризница?

„Плиткост на умот е да тргаш настрана автори кои се основоположници на нашата книжевност, на нашата мисла, на нашето опстојување.“

Навистина, кому?

Татко ми, Коле Чашуле, велеше дека да се пишува на македонски јазик значи да се војува. И ја водеше таа битка заедно со своите современици и се создаде книжевност која стои рамо до рамо со светската. Во ништо не заостанува. На нивните творечки страници се испиша и нашата, македонска историја, онаа нецензурираната, доживеаната. Сите голготи, сите предавства, сите обиди за одродување.

На тоа творештво се надоврзуваа генерациите по нив, до денес.

Се создаваше младина што мисли.

Грев е народ да си се ништи самиот себе, своите корени, својот идентитет. Грев е кога тоа го прави на кој било план. Но, ми се чини најголем грев е да си ја ништи својата книжевност. Токму тоа ни се случува нам. Ни се воведуваат НА МАЛА ВРАТА отстапки пред дневната политика. Особено кога таа веќе подолго време прави отстапки со кои сегашните дневнополитичари ќе бидат запишани во историјата како предавници. Кусогледи гробари.

Ним не им треба младина што мисли.

Лектирите се осмислени да ги насочуваат учениците кон вредните дострели на книжевноста, кај нас и во светот. Треба внимателно да се избираат за да им создадат на младите чувство за квалитет и за да ги запознаат со богатството што е создадено на тоа поле. Меѓу другото, и да подучат.

Плиткост на умот е да тргаш настрана автори кои се основоположници на нашата книжевност, на нашата мисла, на нашето опстојување. И да го правиш тоа со создавање привид дека всушност и не го правиш. Прво ќе ги тргнеш од полагањето матура а ќе бидат на списокот на лектири. Потоа, праксата самата ќе ги елиминира.

При сегашниот образовен систем и при сегашната летаргичност на младите тие ќе станат небитни, оти не ќе треба да се знаат за матурата, нели? И онака читањето станува назадна, надмината активност. И наместо да се поттикнува и шири, се стеснува и ограничува.

Уште еден чекор кон заробен ум. Со убедување дека е за наше добро.

Овој пат се Ташко Георгиевски и егзодусот на Егејците, Коле Чашуле и бугарските подривања и предавства. Кои ќе бидат следните?

Што сѐ ќе се изроди од наметнатата и од нас неодобрена историска комисија?

Која нова сопка нѐ чека по уставните измени?

И црно семе и црнила.

Орвел одлично ја видел иднината. Нам ни се падна да ја живееме.

Бог да чува!

Огнена Никуљски

14 јули 2023 - 11:08