- Хаки и Фејзи Азири, двајцата осудени за помагање во случајот „Монструм“, ќе се најдат на слобода со новиот закон за амнестија на Кренар Лога, доколку законот помине во Собрание.
- Двоецот Азири е осуден на 9, односно на 15 години затвор за помагање по ликвидацијата на четири момчиња и еден возрасен човек кај Смилковското езеро, но со законот кој што го протурка во Влада министерот за правда Лога, а премиерот Димитар Ковачевски тврдеше дека тоa е само за осудени за полесни кривични дела, ќе излезат на слобода.
- Корист од законот ќе има и Сеад Кочан, осуден за случајот „Трансмет“, Карлито Бриганде (Вулнет Макелара), осуден за учество во ИСИС и други.
- Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, побара Украина да ја спушти возраста за мобилизирање затоа што сè потешко може да најде војници откако рекорден број мажи заминаа во Европа.
- „Порано 18-годишници служеа во армијата, но тоа се деца. Сега се мобилизираат на возраст над 25 години. Може да се спушти границата на 22 или 23 години“, изјави Кличко.
- Повеќе од 100.000 млади Украинци заминале во европските земји откако владата во август им дозволи на младите мажи на возраст од 18 до 22 години да ја напуштат земјата. Само во септември европските земји им дале привремен азил на 79.000 Украинци, рекорден број во еден месец откако почна војната.
- Кличко вели дека иднината на земјата зависи од тоа дали младите ќе се вратат кога ќе заврши војната. „Би биле пресреќни ако половина од младите се вратат. Но, за тоа ни се потребни мир, работа и квалитет на животот“, изјави Кличко.
- Против Екрем Имамоглу, притворениот градоначалник на Истанбул, се покренати 142 обвиненија за корупција, за кои е предвидена вкупна казна од 2.340 години затвор.
- Обвиненијата на вкупно 3.700 страници се однесуваат на случаи за проневера, измама и перење пари. Покрај Имамоглу, уште 402 лица од криминалната организација „октопод“ се обвинети за предизвикување штета од вкупно 160 милијарди лири (3,3 милијарди евра) во изминатата деценија.
- Целта на организацијата, според обвинителите, била преземање контрола врз Републиканската партија и собирање фондови за претседателската кампања.
- Имамоглу, кој е во притвор од 19 март, ги отфрла сите обвиненија и тврди дека е жртва на политички прогон, како главен противник на претседателот Реџеп Тајип Ердоган.