- Официјалното мислење на Министерството за здравство е дека „несогорливите тутунски производи и уредите за нивно загревање не спаѓаат под забраната за пушење од член 3 став 1 од Законот за заштита од пушењето“, Владата го усвои ова мислење.
- Според министерството користењето на овие уреди не претставува пушење, па заради тоа не се ни забрануваат.
- Пред само неколку денови владините инспекции почнаа да казнуваат за користење IQOS во затворени угостителски објекти.
- Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешниот генерален директор на АД „Пошта на Македонија“ поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
- Се наведува дека тој не постапил согласно одлуките на Управниот одбор за исплата на обврски кон две правни лица. И покрај тоа што му биле доставени потребните документи за исплата, пријавениот не ја потпишал спогодбата за исплата на долгот, не ги потврдил фактурите и не ги потпишал налозите за плаќање.
- Со тоа оставил простор овие да поведат судски постапки кои ги добиле па штетата за Пошти на основ на исплата на затезни камати е речиси 11 милиони денари.
- Владата на САД би можела да блокира ботови со ВИ ако утврди закана дека може да предизвикаат смрт на повеќе од 50 луѓе или штета повисока од 1 милијарда долари.
- Ова е предлогот на Антропик во нацрт-закон за „безбедност“ на вештачката интелигенција, поднесен до Конгресот на САД.
- Сè што е подолу од овие граници би се толерирало како „разумна политика“.
- Проценетиот ризик од моделот со ВИ би морал да произлегува од дизајнирање или создавање на биолошко оружје, кибернетски напад или бегање на агент со ВИ од контрола на лабораторијата во која се развива.
- Ризикот би го проценувале „независни евалуатори“, регистрирани во Министерството за трговија, при што е оставена можноста за нивните услуги да плаќа лабораторијата во која вршат увид.