- Не е точно дека Универзална сала е осигурана туку осигурана е фирмата која ја изведува реконструкцијата на салата во осигурителната компанија Еуролинк, а изјавата на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска е несреќно дадена изјава, велат извори на МКД.мк.
- Нивниот извор тврди дека во новиот дел кој фирмата Универзал Балкан го гради, а за кој е надлежна оваа фирма штета нема па следствено на тоа нема да има никаква потреба за исплата на штета ниту пак осигурителната компанија би ѝ исплатила пари на компанијата со кои, како што најавуваше министерката, ќе продолжела градбата на Универзална сала.
- Доналд Трамп го прашал Си Џинпинг дали Кина сака да купи американско оружје, изјави амбасадорот на САД во Пекинг, Дејвид Пердју. Не прецизира дали понудата ја дал на самитот во Вашингтон пред неколку дена или во Пекинг во мај.
- „Претседателот Трамп постојано вели дека САД продаваат оружје низ светот. Тој всушност во еден момент го праша претседателот Си дали би сакал да купи“, изјави Пердју за Фокс њуз.
- „Законот на САД забранува продажба на оружје на Кина и не постои понуда или план за продажба на оружје на Кина“, соопшти Стејт департментот.
- Спроти самитот во мај, Трамп ја одложи продажбата на пакет американско оружје за Тајван во вредност од 14 милијарди долари како „добар адут за преговори“ со Пекинг.
- Пердју потврди дека САД не ја промениле својата политика во однос на Тајван: го почитуваат ставот на Пекинг „Една Кина“, но во исто време му даваат безбедносна поддршка на Тајпеј.
- Европската Унија првпат планира да одреди целни датуми за завршување на клучните фази од преговорите за пристапување со Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, изјавија за Политико функционери од Брисел.
- Овој пристап содржи „патокази“, кои појасно ќе дефинираат што точно се очекува од секој кандидат. Во исто време ќе се дефинираат и обврски за сегашните членки на ЕУ, кои треба да дадат согласност за да продолжи процесот.
- На другите земји-кандидати кои се во „порана фаза од процесот“, како Косово, Македонија и Босна и Херцеговина, нема да им бидат понудени овие патокази. Истото важи и за Грузија, Србија и Турција.
- Ревизијата на политиките, предводена од Александар Адам, близок советник на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, треба да биде претставена на 6 октомври, а шефовите на држави од ЕУ ќе расправаат за темпото за прием на нови членки на самитот во Брисел на 15 и 16 октомври.
- Фон дер Лајен оваа недела оди на турнеја низ Западен Балкан на разговори со лидерите на Црна Гора, Албанија, Македонија и Косово. Ќе ги заобиколи Босна и Херцеговина и Србија, кои се пред избори.