Три недели пумпале фекални бактерии во водата за пиење во Гостивар
21 јули 2026
- Водата за пиење во Гостивар била загадена со вода од канал која имала 48 пати повисоко ниво на фекални бактерии од дозволеното, покажала анализата на мострите земени од Институтот за јавно здравје.
- Присуство на колиформни бактерии во водата од каналот било 2.419,6 cfu/100 ml, иако максимално дозволената вредност е 50 cfu/100 ml. Во примероците од водата за пиење биле регистрирани 39 cfu/100 ml колиформни бактерии, иако според прописите нивното присуство треба да биде нула.
- Во примерок земен од чешма на улицата „ЈНА“ било утврдено и значително зголемено присуство на хлор – 1,1 милиграм на литар, повеќе од двојно над максимално дозволената вредност.
- Тројцата директори од ЈП Комуналец Гостивар - Артана Асани, Леон Нуредини и Вадедин Дервиши - приведени по налог од Обвинителството уште на 25 јуни им дале наредба на вработени да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода за да префрлаат вода во комората со вода за пиење. При увидот на 16 јули, две од од пумпите сè уште ја мешале загадената вода со водата од градскиот водовод.
- Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство препорачаа водата од градскиот водовод во Гостивар да не се користи за пиење, подготовка на храна, миење овошје и зеленчук, одржување лична хигиена, како и за други намени, сè додека не се потврди дека е безбедна.