Проиранските хути во Јемен го зазедоа стратегиското пристаниште Мока покрај теснецот Баб ел Мандеб. Ако го заземат и островот Перим, кој е нивната следна цел, ќе можат со краткострелни ракети или со морски мини целосно да го блокираат клучниот воден пат што го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и Индискиот Океан.
По оваа вест, цената на нафтата на глобалните пазари скокна на над 100 долари за барел, што е највисоко ниво по март, кога почна војната на САД и Израел против Иран.
Додека Иран речиси целосно го блокира Ормускиот теснец, низ кој пред војната поминуваа 21,6 милиони барели нафта дневно - односно 20% од глобалниот извоз, заканите од хутите го намалија обемот на извозот преку Баб ел Мандеб од 5,4 милиони барели (пред војната) на околу 2 милиони во август.
САД имаат 20 воени брода ангажирани кај Ормускиот проток и ниту еден преостанат за деблокирање на втората клучна поморска точка. Мисија за отворање на коридор низ Баб ел Мандеб би значело повлекување на бродови од Пацификот или од Европа.
Исламабад, пак, го предупреди Техеран да ги ограничи дејствата на хутите, за да не биде активиран новиот воен сојуз на Пакистан, Саудиска Арабија и Турција, што би водело кон проширување на војната.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.
Сенаторот Рубен Галего (демократ од Аризона) изјави дека „убавината“ на речиси петгодишната руско-украинска војна е во тоа што САД „им плаќаат на Украинците да убиваат Руси“.
Галего, кој пред да влезе во Сенатот, десет години беше во претставничкиот дом, на Икс напиша дека Украина може да ја добие војната ако нејзините сили убијат доволно Руси.
„'Украина не може да победи' е руска приказна. Затоа што Русија била голема, бла, бла... Ако Украина убие доволно Руси, ќе дигнат раце“, напиша тој.
Кога во коментар доби предлог да ѝ се придружи на украинската легија на странци, Галего одговори: „Не, тоа е убавината на ова; можеме да им платиме на Украинците да ги убиваат Русите“.