- Бирото за демократија, човекови права и труд на Стејт департментот планира да вложи 4 милиони долари за зајакнување на десничарските медиуми во Европа, како дел од пакетот од најмалку 25 милиони долари за групи на граѓанското општество кои работат на конзервативни каузи во регионот.
- Три милиони долари се наменети за програма за „документирање и анализа на демократското уназадување во Европа во врска со масовната и нелегалната миграција, независниот медиумски пејзаж и законодавните агенди од наднационални субјекти“.
- Уште 1 милион долари се за создавање конзорциум од независни новинари кои ќе покриваат прашања како што се националниот суверенитет, природните права и верските слободи во Европа.
- Се очекува финансирањето да биде финализирано до крајот на септември.
- Администрацијата на Трамп во голема мера се оддалечи од традиционалната промоција на демократијата и човековите права, фокусирајќи се на економски и трговски прашања. Исто така, се залага за селективни каузи, особено оние поврзани со замолчување на десничарските политичари и конзервативните гласови на интернет.
- Рамзан Кадиров, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, е реизбран за петти мандат како лидер на јужниот регион Чеченија, со 99,85% од гласовите, соопшти руската изборна комисија.
- Имал двајца противкандидати, кои добиле по 0,05% од гласовите.
- Кадиров го подобри резултатот од 2021 година, кога освои 99,73%.
- Немаше изненадувања ни на изборите за пратеници за руската Државна Дума, први откако почна војната во Украина. Партијата Обединета Русија на Путин освои рекордни 355 од вкупно 450 мандати, Комунистичката партија освои 40 пратеници, а националистите од ЛДПР 25.
- Путин го претстави гласањето како „тест за јавната поддршка за специјалната операција“ во Украина, но повеќето политичари кои отворено се спротивставуваа на војната беа спречени да се кандидираат. На либералната партија „Јаблоко“ не ѝ беше дозволено да истакне листа на национално ниво.
- Русија спроведе избори и на Крим, кој го анектираше во 2014 година, како и во окупираните делови на украинските региони Доњецк, Луханск, Запорожје и Херсон. Украина ги прогласи изборите таму за незаконски. Европската Унија исто така објави дека нема да го признае гласањето на окупираните територии ниту резултатите.
- Италијанската премиерка Џорџа Мелони најави планови за забрана на облека што го покрива лицето, како што се бурка и никаб, во училиштата, за ограничување на бројот на странски ученици во паралелки и обврска за родители на странски ученици да го научат италијанскиот јазик.
- „Италијанските училишта треба да останат места каде што учениците можат да комуницираат, да учествуваат и да се интегрираат во општеството, изјави Мелони пред младинското крило на нејзината партија Браќа на Италија.
- Франција, Белгија, Данска и Австрија имаат ограничувања за облека што го покрива лицето, а Швајцарија лани воведе национална забрана.
- Мелони ги претстави мерките како прашање на слобода и еднаквост на жените. Истакна дека ниту една традиција не смее да се користи за да се принуди млада жена да го крие своето лице. Предлогот не се однесува на марамите и хиџабот, кои не го покриваат лицето.
- Законското ограничување на бројот на странски ученици во иста паралелка е насочено кон интеграцијата. „Ако само мал број ученици имаат тешкотии со зборувањето италијански, наставниците и соучениците можат да им помогнат“, објаснува Мелони. Во училиштата низ Италија денес има 11,6% деца кои не се италијански државјани.