Русија и Украина се согласиле со предлогот од Доналд Трамп за тридневен прекин на огнот, до понеделник на полноќ. Киев и Москва во текот на оваа недела објавија сопствени еднострани прекини на огнот и потоа меѓусебно се обвинија дека ги прекршиле.
Трамп објави и дека двете земји ќе го искористат примирјето за да разменат по 1.000 воени заробеници и изрази надеж дека примирјето ќе трае и подолго од три дена.
„Ова барање го упатив директно јас и многу го ценам договорот од претседателот Владимир Путин и претседателот Володимир Зеленски. Се надевам дека ова е почеток на крајот на една многу долга, смртоносна и тешка војна“, објави Трамп.
Главната цел на примирјето е да се избегнат провокации за време на прославата на Денот на победата над фашизмот, која Русија традиционално ја одбележува со голема воена парада на Црвениот плоштад. Парадата годинава ќе биде без тенкови, ракети и тешка воена машинерија.
Зеленски објави декрет со кој „се дозволува“ воената парада на Русија и се гарантира дека „украинското оружје нема да биде насочено кон Црвениот плоштад“. Русија предупреди дека на каков било обид на Украина да ја попречи парадата ќе возврати со масовен ракетен напад врз Киев.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.