- Рафинеријата на НИС во Панчево почна постепено да го намалува производството и целосно ќе го запре до петок, ако американската влада не одобри лиценца за работа, предупреди српскиот претседател Александар Вучиќ: „Ни остана уште денеска и утре да добиеме оперативна лиценца. Тоа зависи од Американците“.
- Рафинеријата сега е во технолошка фаза на „топла циркулација“ - обработка на минимални количества суровини колку да се одржи функционалноста на системот.
- САД на 9 октомври воведоа санкции за Нафтената индустрија Србија, која е во сопственост на рускиот гигант Лукоил.
- И Народната банка на Србија и сите деловни банки што соработуваат со НИС, добиле предупредување дека може да биде цел на санкции. Вучиќ добил усмени гаранции од САД дека нема да бидат воведени санкции за банкарскиот сектор.
- Федерален судија ги отфрли обвинувањата против поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми и њујоршката обвинителка Летиција Џејмс.
- Спорна е легалноста на обвинителката што ги отворила случаите - Линдзи Халиган, поранешна лична адвокатка на Доналд Трамп. Како привремена окружна обвинителка таа немала право да поднесе обвиненија. Истите случаи може да ги отвори друг обвинител, но можно е да бидат отфрлени поради застареност.
- Коми е обвинет за лажно сведочење пред Конгресот во 2020 година во врска со протекување на тајни документи за истраги за Доналд Трамп и Хилари Клинтон. Како шеф на ФБИ, Коми ја водеше истрагата за наводните руски врски во предизборната кампања во 2016 година, а потоа тврдеше дека Трамп не е способен да ја извршува претседателската функција.
- Џејмс лани успешно ја тужеше семејната Организација Трамп за измама поради преценување на имотната и финансиската состојба. Организацијата беше казнета со 500 милиони долари. Апелациски суд подоцна ја потврди вината, но ја поништи паричната казна.