- Службеници од двете главни антикорупциски агенции НАБУ и САПО извршија претрес во домот на Андриј Јермак, моќниот шеф на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски. Јермак тврди дека целосно соработува со истражителите.
- Рацијата спроведена денеска рано наутро е дел од истрагата за злоупотреба на стотина милиони долари во енергетскиот сектор - функционери земале мито од изведувачи ангажирани за заштита на инфраструктурата од руски напади.
- Операцијата Мидас опфаќа високи владини функционери. Зеленски побара оставка од министерот за правда Герман Галушченко и министерката за енергетика Свитлана Гринчук, кои биле дел од групата. Првоосомничениот Тимур Миндич - близок деловен партнер на Зеленски, избега од земјата.
- Зеленски неодамна го назначи Јермак да го води украинскиот тим на мировните преговори со администрацијата на Трамп за мир во Украина.
- Претседателот во јули се обиде да им ја одземе независноста на двете антикорупциски агенции, но мораше да го повлече законот по масовни протести и притисок од западните сојузници.
- Спасувачките операции во седумте запалени кули во Хонг Конг завршија, откако пожарникарите заклучија дека повеќе нема шанси да пронајдат преживеани луѓе два дена откако избувна пожарот.
- Потврдена е смртта на 128 луѓе, а уште околу 200 се сметаат за исчезнати. Повеќето од жртвите биле во двете кули што пламнале први.
- Пожарот зафати седум од осумте кули во блокот со околу 2.000 станови и повеќе од 4.600 жители. Спасувачките напори биле концентрирани кон станари што по телефон барале помош. Повиците вчера стивнале.
- Не се познати причините зошто избувнал пожарот, но брзо се проширил поради скелињата од бамбус, покриени со платно и стиропор, заради реновирање на фасадата што траело со години. Уапсени се три лица од компанијата одговорна за реновирањето.
- „Нема закон што пропишува дека мора да се користат материјали отпорни на пламен. Тоа е само наведено во кодексите на Министерството за труд. Не се почитуваат барањата бидејќи сè е легално“, вели Ли Квонг-синг, претседател на Хонгконгшкиот институт за безбедност.