На Доналд Трамп му беа малку сто минути за да ги каже пред новинарите сите свои успеси од првата година на вториот мандат. Претстави и дебел топ листови. „Еве ја книгата. Секоја реченица е нешто што сме направиле. Никој претходно не направил ништо слично. Ние сме најмоќната држава на планетата“, им објасни Трамп на новинарите, а потоа ја фрли „книгата“ на подот.
На прашањето колку далеку е спремен да оди за присвојувањето на Гренланд, одговори: „Ќе видите“, и додаде: „Ќе сработиме нешто со кое и НАТО ќе биде среќен и ние ќе бидеме среќни..., но ни треба заради национална безбедност, па и за светска безбедност“.
За „трговската базука“ со која ЕУ му се закани дека ќе ја употреби како оружје против царините, одговори дека „ќе се одбие и ќе ѝ се врати на Европа“.
За акциите против имигрантите во САД тој оцени дека „моторџиите од Hell’s Angels изгледаат како најслатките луѓе на светот“ во споредба со имигрантите што неговата администрација ги отстранила од земјата.
За своите мировни напори, потсети дека смирил осум војни „затоа што му било лесно“, а не за да ја добие Нобеловата награда. „Сакам да ја решам и последната, помеѓу Русија и Украина. И кога Русија е спремна, Украина не е. Кога Украина е спремна, Русија не е“.
По прес-конференцијата, Трамп замина на Светскиот економски форум во Давос, но авионот „Ер форс 1“ по половина час лет морал да се врати поради „електричен дефект“. Делегацијата и опремата била претоварена во резервен воен авион и продолжил кон Швајцарија.