Сенаторите од двете партии во САД едногласно усвоија забрана да се кладат на новите платформи за обложување на политички и глобални настани, како Калши и Полимаркет. Слична мерка што се однесува на конгресмените е предложена и во Претставничкиот дом.
Целта е да се спречат злоупотреба на инсајдерски информации и потенцијален судир на интереси, како и да се отфрлат сомневањата дека пратениците лично профитираат од привилегиран пристап до доверливи податоци, изјави сенаторот Берни Морено кој ја водеше иницијативата.
Сомневањата се проширија откако анонимни лица оствариле добивки од милиони долари од сомнителни тргувања со акции и кладби поврзани со клучните изјави и одлуки на претседателот Доналд Трамп.
Во процедура е и законот SITA, кој ќе им забрани на конгресмени и на членови на нивни семејства да купуваат нови акции на берзи и ќе ги обврзе да ги најавуваат продажбите седум дена претходно, како и Законот ETHICS, со уште построги ограничувања за тргување со акции.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.