- Доналд Трамп денеска официјално го промовираше својот Одбор за мир во Газа, со амбиции да прерасне во тело што ќе има поширока глобална улога за спречување конфликти.
- Трамп објави дека десетици држави ја прифатиле поканата за членство во Oдборот, но листата не е конечна и постојано се менува. Според Белата куќа и медиумски извештаи, од близу 50 поканети држави, 35 официјално или принципиелно прифатиле да учествуваат во одборот. Меѓу нив е и Косово, чија претседателка Вјоса Османи денеска свечено ја потпиша декларацијата.
- Словенија им се приклучи на Франција, Норвешка и Шведска, кои категорично ја одбија поканата да учествуваат во Одборот за мир.
- „Главната загриженост е што мандатот на комитетот е премногу широк и би можел опасно да го поткопа меѓународниот поредок заснован на Повелбата на Обединетите нации“ изјави претседателот Роберт Голоб.
- Трамп е претседател на Одборот со неограничен мандат. Учеството во Одборот е условено со уплаќање членарина од 1 милијарда долари.
- Иран формира нова дигитална платформа за осигурување „Ормуз сејф“, како ново владино тело за управување со бродскиот сообраќај низ Ормускиот проток. Платформата ќе се потпира на плаќања со криптовалути.
- Според планот на Министерството за економија, управувањето со теснецот преку рамка за осигурување би овозможило издавање на разни полиси за поморско осигурување, како и сертификати за финансиска одговорност, наместо да се наплаќа „патарина“. При идеални околности, ова би можело да генерира до 10 милијарди долари приходи за Техеран.
- Планот ќе почне со осигурување кое покрива инспекција, задржување и конфискација на бродови. Штетата од воени напади нема да биде покриена.
- „Овој модел би бил прифатлив за другите земји во мирно време, а сепак би му дозволил на Иран да врши контрола врз теснецот“, објави државната новинска агенција Фарс.
- Молдавските лидери ја осудија како „закана“ одлуката на Владимир Путин да го поедностави процесот на давање руско државјанство на жителите на регионот Придњестровие, кој се отцепи од Молдавија пред 36 години.
- Една половина од жителите на Придњестровие веќе имаат руско државјанство. Декретот на Путин објавен во петокот им овозможува на уште 350.000 луѓе да добијат руски пасоши без да го исполнат условот за постојан престој во Русија.
- „Ова е начин повторно да ни се закануваат, бидејќи на Русија не ѝ се допаѓаат нашите акции за реинтеграција. Веројатно им требаат повеќе луѓе за да испратат во војната во Украина“, изјави молдавската претседателка Маја Санду.
- Рускиот амбасадор во Кишињев, Олег Озеров, изјави дека потегот е од хуманитарни причини, во согласност со меѓународното право, поради „зголемениот притисок“ од Молдавија врз Русите. Тој ги оцени реакциите како „лицемерие“, бидејќи Молдавија им дозволува на нејзини граѓани да добиваат романски пасоши.
- Придњестровие се отцепи во 1990 година, кога Молдавија сè уште беше советска република. По двегодишен судир со повеќе од 1.000 жртви, двете страни се во мир, заштитуван од контингент од 1.500 руски војници. Регионот има свои политички институции - парламент, војска, полиција и поштенски систем.