- Стејт департментот им забрани влез во САД на поранешен еврокомесар и лидери на невладини организации за кои тврди дека ги цензурираат американските ставови. Тиери Бретон, кој до лани беше еврокомесар за внатрешен пазар, се смета за главен автор на Законот за дигитални услуги (ДСА), кој содржи мерки против говор на омраза и дезинформации на онлајн платформите.
- Санкции се воведени и за Имран Ахмед, директор на Центарот за борба против дигиталната омраза, Жозефин Балон и Ана-Лена фон Ходенберг од германската организација ХејтЕид, и Клер Мелфорд, која го води Глобалниот индекс на дезинформации (ГДИ).
- Државниот секретар Марко Рубио ги опиша петтемина како „радикални активисти“, кои настојувале да ги замолкнат американските коментатори и компании. „Премногу долго, идеолозите во Европа водеа организирани напори да ги принудат американските платформи да ги казнуваат американските ставови на кои се спротивставуваат. Администрацијата на Трамп повеќе нема да ги толерира овие скандалозни акти на цензура“, порача Рубио.
- Бретон ги отфрли обвинувањата, опишувајќи ги како „лов на вештерки“: „До нашите американски пријатели: Цензурата не е таму каде што мислите дека е“.
- Санкциите се првата официјална мерка од САД по објавувањето на новата Стратегија за национална безбедност, во која европските лидери се обвинети за цензура на слободата на говорот. Тензиите ескалираа откако ЕУ го казни Икс на Илон Маск со 120 милиони евра поради кршење на правилата од ДСА за транспарентност во рекламирањето.
- Актуелната претседателка Илијана Јотова и поранешниот премиер Андреј Ѓуров освоија најмногу гласови во првиот круг од изборите во Бугарија и ќе се соочат во вториот круг по една недела.
- Излезноста на гласачите во првиот круг била едвај над 22%, најниска од кои било избори по соборувањето на комунистичкиот режим. Досега во ниту еден прв круг не паднала под 40%.
- Јотова добила 34,7% од гласовите, а Ѓуров 32%. За победа во првиот круг им беа потребни 50% од гласовите, при одѕив од 50%. Во вториот круг нема праг за излезност, а победник е тој што ќе освои повеќе гласови.
- Јотова стана претседателка во јануари откако Румен Радев поднесе оставка за да настапи на парламентарните избори.
- Функцијата претседател е главно церемонијална, но вклучува овластувања за командување со вооружените сили, ставање вето на закони и именување преодни влади за време на политички кризи.
- Луиз Инасио Лула да Силва го освои и четвртиот претседателски мандат во Бразил по драматичен пресврт помеѓу двата круга од изборите. Со тесна разлика од 51,7% наспроти 48,2% од гласовите го победи Флавио Болсонаро – синот на затворениот поранешен претседател Жаир Болсонаро.
- Во првиот круг Флавио Болсонаро победи со разлика од 2% и предизборните анкети укажуваа дека ќе ја задржи предноста. Откако Бразил ја отфрли диктатурата, ниту еден кандидат кој губел во првиот изборен круг не станал претседател.
- Болсонаро не го призна поразот поради одлуката на Врховниот суд на денот на изборите да го продолжи гласањето за два часа, наводно поради проблеми со јавниот превоз во неколку сојузни држави. Одлуката ја донел судија во Врховниот суд кој порано му бил личен адвокат на Лула.
- Левичарот Лула во кампањата ветуваше отпишување долгови, бесплатен јавен превоз за време на викендите и финансиска помош за студенти од сиромашни семејства. Противниците го обвинија дека купува гласови, бидејќи ветените мерки финансиски ќе го осакатат Бразил.