Американскиот „хуманитарен“ Проект Слобода за деблокирање на бродовите заглавени покрај Ормускиот проток предизвика нови престрелки со Иран, први посериозни откако беше постигнато примирје на 8 април.
САД објавија дека два товарни брода безбедно поминале низ протокот, заштитувани од воената морнарица, која уништила шест ирански патролни чамци. Претседателот Доналд Трамп предупреди дека сите ирански сили што ги напаѓаат американските бродови ќе бидат „разнесени од лицето на Земјата“.
Техеран го демантира ова и тврди дека протокот останува блокиран. Иранската морнарица отворила оган врз американски воен брод и го принудила да се оддалечи од Ормускиот проток. Погоден бил и еден брод што се обидел да помине низ блокадата.
Иран во меѓувреме, истрелал ракети и дронови врз нафтениот центар Фуџиара во ОАЕ. Еден дрон ја пробил противвоздушната одбрана предизвикал пожар во пристаништето што Абу Даби го користи за пумпање сурова нафта. Ирански офицери го потврдија нападот како „одговор на авантуризмот на САД“.
Како последица на сето ова, цената на барелот суровата нафта „брент“ скокна за 5,8% на 114 долари.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.