- Вкупно 39 години добија обвинетите во случајот „Ласкарци“ за автобуската несреќа што се случи во 2019 година во која животот го загубија 16 патници, а над 30 беа повредени.
- На Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“ му е изречена казна затвор од четири години, на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари затвор од шест години, а тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои се товарат за соучество во истото дело, добија по пет години.
- Најголема казна од 14 години затвор доби возачот на автобусот, Маноил Трифуновски кој бил свесен дека управува неисправно возило.
- Родителите на загинатите не се задоволни од пресудите, очекувале максимални казни.
- Грција од идната година ќе блокира пристап до социјалните медиуми за деца и тинејџери помлади од 15 години, објави премиерот Киријакос Мицотакис. Предлог-законот ќе биде поднесен до Парламентот во текот на летото, за да може да стапи на сила на 1 јануари 2027 година.
- „Сигурен сум дека многумина од помладите ќе ми се лутат. Да бев на ваша возраст, можеби ќе се чувствував исто. Но, зависноста предизвикана од дизајнот на некои апликации, моделот на правење профит од вашето внимание, од тоа колку време поминувате пред екранот на мобилниот телефон и одземањето дел од вашата невиност и слобода, мора во некој момент да заврши“, порача Мицотакис преку видео на ТикТок.
- Конзервативната влада на Мицотакис веќе забрани употреба на мобилни телефони во основните и средните училишта и долго време најавуваше ограничувања на социјалните медиуми.
- „Грција ќе биде меѓу првите земји што ќе преземат таква иницијатива. Но, сигурен сум дека нема да биде последна. Имаме намера да извршиме притисок врз Европската Унија во таа насока, додаде Мицотакис.
- Британија, Франција, Португалија и Шпанија, планираат слични ограничувања на младите за пристап до социјалните медиуми. Австралија беше првата земја што им забрани на лицата под 16 години да користат платформи на социјалните медиуми.