Истрели и рафали синоќа се слушале во две ромски населби во близина на словенечкиот град Ново Место, каде што во саботата група Роми му се заканувале на момче, а потоа го претепале и го убиле неговиот татко. По пријавите за пукања, полицијата целосно го блокирала селото Жабјак. Нема информации за повредени лица. Пукање имало и во ромската населбата Долењска во Шмихел.
„За жал, ова е редовна практика во нашиот град. Се надевам дека полицијата ќе спречи употреба на оружје. Во последните денови неколку пати коментирав дека веќе имаме премногу оружје кое треба да се отстрани од дофат на деца и неурамнотежени луѓе“, изјави жупанот на Ново Место, Грегор Мацедони.
Во вторникот десетина илјади луѓе пред општинската зграда протестираа против зголеменото насилство во Словенија. Маскирани демонстранти повикувале на линч на Роми и за протерување на мигрантите.
Чувствувајќи одговорност за насилствата и убиството, оставки поднесоа министрите за внатрешни работи Боштјан Поклукар и за правосудство Андреја Катич.
Премиерот Роберт Голоб најави нов пакет закони, кои на полицијата ќе ѝ ги зголемат овластувањата, построга политика за криминалците што повториле дела, зајакнување на социјалните служби и полесно запленување имот со непознато потекло.
Скандирања „Турците надвор!“, „Не сакаме мигранти“ и „Турците нема да шетаат низ градот“, синоќа одекнуваа пред владата на Црна Гора од неколку илјади луѓе што протестираа на нападот од група мигранти врз момче во населбата Забјело. Била истакната парола „Се браниме од понатамошна миграција, бодења, силувања и окупација“.
Момчето, кое било седум пати прободено со нож, било син на полицаец. Тоа е во стабилна состојба. Обвинителството објави дека во врска со нападот се приведени државјани на Турција и Азербејџан.
Нападот предизвика бран насилства. Во Подгорица бил демолиран ресторан во сопственост на турски државјанин и бил запален автомобил. Во Бар биле демолирани два локали на Турци. Полицијата објави дека се приведени осум лица поради „предизвикување насилства и национална и верска омраза“.
Веднаш по нападот владата го поништи безвизниот режим за турски граѓани. Во Црна Гора со 623.000 жители, има околу 100.000 странци од кои околу 14.000 се од Турција.