Администрацијата на Доналд Трамп го објави првиот пакет од декласифицирани досиеја за неидентификувани феномени и летечеки објекти и најави дека ќе продолжи да објавува нови документи на секои неколку недели. Досиејата се достапни на официјалната владина веб-страница.
Првиот пакет опфаќа 162 датотеки од ФБИ – случаи за кои немало дефинитивно објаснување за феномените. Притоа се поттикнуваат јавноста и приватниот сектор да ги анализираат и да понудат одговори.
Документите содржат фотографии од мисиите Аполо 12 и Аполо 17 на Месечината, транскрипт од астронаути што опишуваат „блескави честички“ што се движат со голема брзина, како и фотографии снимени од Земјата и од авиони. Нема, барем во првиот пакет, никакви фотографии, снимки или транскрипти за вонземјани.
Пензионираниот американски полковник Џон Александер, кој лично истражувал феномени на НЛО, вели дека објавените документи не се важни и смета дека целта на нивното објавување е да се пренасочи вниманието од потешките теми, како војната против Иран.
„Претпоставувам дека имаат илјадници и илјадници документи, од кои повеќето се исечоци од вести. Се сомневам дека ќе добиеме нешто блиску до одговор. Американците ќе бидат многу повеќе загрижени за цените на бензинот“, изјави Александер.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.