Луѓето низ светот имаат попозитивно мислење за Кина отколку за САД, според ново истражување на центарот Пју спроведено со над 42.000 луѓе во 36 земји на шест континенти. Во дури 27 земји Кина е опишана како попозитивна од САД.
„Рејтингот на САД е на историски минимум или блиску до него“, изјави Лора Силвер, авторка на извештајот. Причини има повеќе: војната против Иран, грабнувањето на венецуелскиот претседател Мадуро, нападите врз бродовите во Карибите, воведувањето царини, укинувањето програми за помош и заканите од Трамп за анексија на Гренланд, Канада и Панамскиот канал.
Во исто време, мислењето за Кина низ светот е значително попозитивно во споредба со периодот на пандемијата на ковид, кога беше на најниско ниво.
Забележан е тренд на пораст на популарноста на Кина во земјите низ кои ја пробива својата трговско-инфраструктурна иницијатива Појас и пат – во Централна Азија и во Африка.
Меѓу земјите што сега гледаат на Кина попозитивно отколку на САД се и традиционалните американски сојузници, како Канада, Британија, Франција и Германија. Земји со изразени проамерикански ставови се кинеските ривали - Јапонија, Индија и Јужна Кореја, но и Полска и Унгарија во Европа. Во Израел 81% имаат позитивен став за САД, а само 19% за Кина.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.