Вести › Набрзинка
Околу 60 автобуси ќе се вратат на скопските улици
- Новиот скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави дека вечерва околу 40 камиони ќе бидат ставени во функција за собирање на ѓубрето низ градот, како и дека очекува околу 60 автобуси деновиве да се вратат на скопските улици.
- Од контактите со дел од вработените во ЈП „Комунална хигиена“ дознал дека состојбата е алармантна и на услуга на граѓаните биле само 16 камиони.
- „Ќе користам и идеи на моите противкандидати, деновиве ќе ги поканам да се видиме. Имаа добри идеи и зошто тие да не се искористат, како и идеите на граѓаните. Сѐ што и за милиметар ќе го подобри живеењето во градот ќе биде искористено“, рекол Ѓорѓиевски.
Мицкоски: Ако ги направиме уставните измени, ќе ни пишат петка и после пак ќе добиеме вето
-
„Ако ги направиме уставните измени, ќе бидеме најдобри. Тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони, фронтранери, па потоа ќе добиеме ново вето и нови проблеми“, со доза на иронија, премиерот Христијан Мицкоски го коментираше делот од Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2025 година во кој се вели дека Македонија не направила обид за усвојување на уставните измени.
-
Премиерот не се согласува и со оценките дека други земји од регионот се пред Македонија на патот кон ЕУ. Тој тврди дека земјава е многу понапред од Албанија во осум области.
-
„Кога ќе се анализира состојбата и подготвеноста на државите, објективната оценка е дека Црна Гора е прва, на второ место сме ние и Србија, па потоа доаѓаат Албанија, БиХ, Косово. Но, треба да работиме и ќе работиме. Јас апсолутно сум фокусиран на реформите, оваа влада е реформска и ме охрабруваат пораките за реформите во делот на економијата, борбата против перењето пари, воведувањето заеднички платежен систем, царина, роаминг фри. Тоа ќе биде имплементирано така што има многу работи кои треба да се пофалат и тоа ме охрабрува,“ рече Мицкоски.