- По 103 премиери, Јапонија прв пат во својата историја ќе има премиерка - лидерката на конзервативците Санае Такаичи. Ја нарекуваат „Јапонската Железна Дама“, бидејќи се восхитува на политиките на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер.
- Такаичи го води „тврдото“ крило на владејачката Либерално-демократска партија и му беше штитеничка на поранешниот премиер Шинзо Абе. Беше изгласана во двата дома на парламентот, во кои ЛДП има тесно мнозинство.
- Приоритети на нејзината влада ќе бидат задвижување на економијата, обединување на партијата погодена од скандали и меѓусебни пресметки и подобрување на односите со САД. Доналд Трамп веќе ѝ честиташе кога беше избрана за партиски лидер. Ја опиша како „високо почитувана личност, со голема мудрост и сила“.
- За тоа како Санае Такаичи стигна од бубњарка и моторџика до премиерската функција пишувавме тука.
- Владата на Аргентина побара да бидат обновени преговорите со Обединетото Кралство во врска со суверенитетот над Малвините (Фолкландските Острови), откако администрацијата на Доналд Трамп најави дека САД може да ја откажат политичката поддршка за Британија во територијалниот спор.
- Во внатрешен меморандум во Пентагон е наведено „преиспитување на дипломатската поддршка за британските империјални поседи“ како можна казна за „непослушните“ сојузници на САД од НАТО, кои ги одбиле повиците да се приклучат во војната против Иран.
- „Аргентина е подготвена да ги продолжи билатералните преговори со Британија за изнаоѓање мирно и конечно решение за спорот за суверенитетот (на островите) кое ќе стави крај на посебната колонијална ситуација во која се наоѓаат“, порача министерот за надворешни работи Пабло Кирно.
- Даунинг стрит објави дека извештајот за меморандумот на Пентагон не го променил ставот на Британија. „Жителите на Фолкландските Острови на референдум гласаа со огромно мнозинство за да останат прекуокеанска територија на Обединетото Кралство“, изјави портпарол на кабинетот на премиерот Кир Стармер.
- Аргентина долго време претендира на суверенитет над Малвините и изврши инвазија врз архипелагот во 1982 година пред да биде поразена од Британија во кратка, но крвава војна.
- Претседателот Хавиер Милеи пред две години изјави дека Аргентина не се откажува од суверенитетот врз островите, но не сакаа конфликт со Обединетото Кралство: „Тие можеби не сакаат да преговараат денес, но во иднина можеби ќе сакаат. Многу позиции се променија со текот на времето“.
- Доналд Трамп го продолжи прекинот на огнот со Иран на „неодредено време“, но на 1 мај завршува законскиот рок од 60 дена за воени операции без експлицитно овластување од Конгресот. Претседателот ќе мора до тогаш да ги повлече воените сили, освен ако не добие специјално одобрување од Претставничкиот дом и Сенатот.
- Постои опција да добие дополнителни 30 дена, само ако писмено потврди дека е потребно време за безбедно повлекување на трупите, а не за продолжување на офанзивата.
- Поранешните претседатели ја заобиколуваа законската одредба со други извори на овластувања. Трамп може да се повика на Овластувањата за употреба на воена сила (AUMF) за специфични цели, применети по нападите од 11 септември 2001 година за „војната против теророт“, во 2002 година за да се отстрани Садам Хусеин и во 2003 година да се одобри инвазијата на Ирак.
- Трамп во првиот мандат во 2020 година го искористи AUMF за да го нареди атентатот врз иранскиот генерал Касем Сулејмани.
- За време на воената кампања на во Либија во 2011 година, администрацијата на Барак Обама тврдеше дека не е потребно експлицитно овластување од Конгресот, бидејќи нема „активна размена на оган со непријателски сили“.
- Бил Клинтон одобри неколку воени операции во Ирак и во Сомалија, а во март 1999 година без одобрение од Конгресот одобри воени дејства против тогашната Сојузна Република Југославија.