- Израелските сили им забранија на високите офицери да користат телефони со оперативен систем Андроид поради безбедносни причини.
- Офицерите со повисок чин од потполковник во официјалните комуникации ќе мора да користат Ајфони, кои се оценети како поотпорни на хакирање.
- Службите за безбедност одамна предупредуваа дека Хамас, Хезболах и други непријателски групи ги користат социјалните платформи и апликациите за пораки за да ги следат движењата на израелските трупи.
- Израелските разузнавачки експерти укажуваат и дека преку Андроид полесно се уфрлаат апликации што овозможуваат пристап до меморијата и снимените комуникации.
- Десетици илјади луѓе демонстрираа во Софија, Варна и во други бугарски градови против предлог-буџетот за 2026 година, за кој сметаат дека ќе ја заштити корупцијата во државниот врв.
- Во Софија група демонстранти фрлаа камења, шишиња и петарди врз полициските кордони распоредени пред седиштата на партиите од владејачката коалиција. Полицијата одговори со пендреци и со солзавец.
- Опозицијата протестира против кастрењето на социјалните придонеси во буџетот заради зголемување на трошоците за проекти поврзани со корупција.
- Буџетот за 2026 година е првиот изразен во евра, валутата што ќе го замени левот од 1 јануари. Речиси половина од граѓаните на Бугарија се против воведувањето на еврото, стравувајќи дека тоа ќе ги зголеми цените на производите и услугите, а не и платите.
- Европската централна банка неодамна предупреди дека очекува пораст на инфлацијата во Бугарија по прифаќањето на еврото.