- Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир, најрадикалниот јастреб во воениот кабинет на Нетанјаху, ги повика еврејските доселеници да почнат да ги населуваат и териториите што израелските сили ги окупираа во Јужен Либан.
- „Населете се во Либан! Тоа ни треба и имаме вистински планови. Да ја поттикнеме и миграцијата од Газа и од Западниот Брег исто така. Населете се во Либан! Не плашете се од никаков притисок“, порача Бен-Гвир.
- Израелските сили веќе „израмнија терен“ за доселенички населби во Либан, јужно од реката Литани. Во име на „војната против Хезболах“ протераа десетици илјади Либанци и потоа буквално срамнија со земја цели села, културни и верски споменици, археолошки локалитети, овоштарници... за да нема каде да се вратат.
- Бен Гвир денеска им се придружи на израелски екстремисти при провокативната посета на храмот во Ерусалим и повика на анексија на Источен Ерусалим, кој според меѓународното право им припаѓа на Палестинците. „Со голема гордост го креваме знамето на Израел. Ерусалим е наш и земјата Израел е наша. Не смееме да се срамиме“, повика Бен-Гвир.
- Илјадници демонстранти кои бараат оставка од премиерот Еди Рама се судрија со специјалната полиција на централниот плоштад „Скендербег“ во Тирана, токму на Денот на независноста на Албанија.
- Демонстранти, кои пристигнале од целата земја, фрлаа камења, сигнални ракети и димни бомби кон кордоните и владините згради, а полицијата возврати со солзавец и водени топови.
- Според Министерството за здравство, повредени се најмалку осум луѓе, вклучувајќи полицаец и двајца новинари.
- Бранот незадоволство во Албанија почна крајот на мај, поттикнат од плановите за изградба на луксузен туристички комплекс во јужниот дел на земјата – проект поврзан со фирма основана од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Трамп.
- Низ месеците протестите се проширија во бунт против корупцијата во владата, растот на трошоците за живот и ограничените можности. Во изминатите неколку недели беа запалени банки, судови и владини згради.
- Студентите сега повикуваат на уште помасовни демонстрации се до оставка на премиерот Рама, кој е на власт од 2013 година. Група студенти, професори и претставници на дијаспората најавија основање на нова политичка партија „Обединети за Албанија“, со цел да постигнат промени преку институционални средства.
- Парламентот на Аргентина изгласа закон со кој ѝ се забранува на Централната банка да печати пари за да ги покрие владините трошоци. Банката е ограничена на својата основна мисија да ја одржува вредноста на националната валута.
- Ова е еден од клучните чекори во стратегијата на претседателот Хавиер Милеи да ја запре инфлацијата, која во времето на претходната администрација во 2023 година надмина 200%.
- Под водство на Милеи, Аргентина ги намали владините расходи и инфлацијата, но се зголеми сиромаштијата.
- „Заврши времето на Централната банка која финансираше политичка кражба преку печатење пари. Заврши монетарната катастрофа во Аргентина. Завршија 91 година измами“, соопшти претседателот.