За да го спречи Иран да наплаќа патарина за бродовите во Ормускиот проток, Трамп од денеска ја враќа американската блокада за ирански бродови, а на сите други им наметнува „надомест за заштита“ во висина од 20% од проценетата вредност на товарот.
„Ормускиот проток е отворен и ќе остане отворен, со или без Иран. Ја враќаме иранската блокада. Сите други земји ќе можат фер и отворено да го користат Протокот... Заштитуваме многу богат дел од светот. Трошиме пари. Треба да ни биде платено за заштита“, напиша Трамп во конфузна порака.
Со ова Трамп всушност го потврди ставот на Техеран дека комерцијалните бродови треба да му плаќаат патарина на оној што го контролира протокот. Прашањето е кој ја има контролата.
„ПОТУС е апсолутно во право. Кој и да овозможува безбеден премин на комерцијални бродови низ Ормускиот теснец треба да биде компензиран за услугата. Иран отсекогаш бил и засекогаш ќе остане заштитник на протокот. Надомест од 20% е секако премногу. Ние ќе бидеме фер“, порача министерот за надворешни работи, Абас Арагчи.
Меѓународната поморска организација на ОН тврди дека нема правна основа да се наплаќа патарина за бродови во кој било морски теснец.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.