- Европскиот парламент ги укина традиционалните награди за проекти од граѓани, пред сè како дел од мерките за кратење трошоци, но и поради тоа што го немале „очекуваното влијание врз медиумите“.
- Од 2008 година ЕУ наградуваше по 50 граѓански проекти, за кои оценуваше дека придонесуваат за соработка и промоција на европските вредности. По изборите во 2024 година беше запрено издвојувањето пари, а сега наградата е укината.
- Мерката ќе заштеди околу 200.000 евра годишно, главно од буџетот за комуникации за кој се издвојуваат 127 милиони евра.
- „Наградата се покажа како сложен процес кој бара многу ресурси, а испорачува минимални резултати и има занемарливо влијание врз медиумите... Искуството покажа дека наградените проекти не привлекоа доволно внимание на локално и регионално ниво и не придонесуваа значително за видливоста на Парламентот“, објаснува генералниот секретар Алесандро Кокети.
- Тој истакна дека наградата повремено ја оцрнувала репутацијата на Парламентот поради „сомневањата за политичко влијание врз некои номинации или обвинувањата за злоупотреба во кои се вклучени некои добитници“.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.