- По реакција на Германија и други членки, ЕУ се откажа од планот Канада да добие статус на „придружна членка“ на Европската Унија.
- Во нацрт-текстот на изјавата што ќе биде објавена на крајот од самитот Канада-ЕУ во Монтреал, изразот „придружно членство“ е заменет со „сè поблиска асоцијација“.
- Германија реагирала дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не се консултирала со членките пред да ја претстави идејата во своето годишно обраќање во септември. Резервираност изразиле и Франција, Италија и Грција.
- „Се чини дека никој не бил консултиран за придружно членство освен нејзиниот најблизок персонал. Многу земји-членки, вклучително и Германија, не беа задоволни“, изјави дипломат од Брисел.
- Владата на Еди Рама воведе парични казни до 500.000 леки (околу 5.500 евра) за луѓе што учествуваат на насилни протести во Албанија.
- Сумата е приближно шест просечни плати. Казната ќе важи за сите демонстранти, без оглед дали лично биле вклучени во насилства. Лица што го кријат идентитетот се соочуваат со казни од 10.000 до 100.000 леки.
- Албанци од мај демонстрираат во Тирана против проектот за изградба на комплекс со луксузни хотели во природен резерват. Во компанијата вклучена во проектот учествува и Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп.
- Кон средината на октомври, протестите се проширија со студентски барања поврзани со корупцијата, проблемите во здравствениот систем и недостатокот на перспективи за младите.
- Во изминатите денови имаше и жестоки судири на демонстрантите со полицијата во Тирана.
- Исто како и лани (видете: „Куба, извини за нашите вазали“), Македонија повторно гласаше во Обединетите нации ПРОТИВ укинување на економското ембарго од САД за Куба.
- За укинување на ембаргото гласаа 130 земји, 25 беа воздржани, а против беа 17. Резолуцијата нема обврзувачки карактер, но го покажува политичкото подредување на членките на ОН.
- Овој пат САД успеаја да убедат повеќе земји да апстинираат или да гласаат против. Меѓу земјите што гласаа против укинувањето на ембаргото беа и Словенија и Босна и Херцеговина. Германија и Италија првпат се воздржаа од гласање по повеќегодишна поддршка за укинување на ембаргото.
- САД уште во 1962 година воведоа трговско ембарго за Куба како „неопходна казна“ за комунистичката влада, која ја сметаат за „корумпирана и диктаторска“. Трамп воведе и општа блокада на гориво и се закани дека „ќе се справи со Куба кога ќе ја заврши војната во Иран“.
- Кубанците денес се соочуваат со секојдневни рестрикции на струја, немаат доволно гориво и храна, но не потклекнуваат.
- „Ова гласање ја подига свеста кај многу луѓе кои едноставно не разбираат како ембаргото влијае врз кубанскиот народ и нашиот секојдневен живот, низ што поминуваме, како страдаме... Тоа е најважно - далеку над политичките ставови или каков било вид идеологија“, изјави за Ројтерс жител на Хавана.