- Сопственици на станови во комплексот Дајмонд на Лимак купени и за цени до 3.000 евра по квадрат тврдат дека се измамени по неколку основи.
- Прво и најважно е што дел од становите што се целосно платени од купувачите се уште стојат на име на Лимак бидејќи компанијата ги има ставено под хипотека и има земено пари за нив, со кои го гради остатокот од комплексот.
- Второ, становите им се предадени „лом“, неисчистени, како што оставиле последните мајстори што работеле, а има недостатоци кои останале од градењето, како пукнатини околу врати, гребен паркет, парно и клими што протекуваат, паднати кваки, купатило без одвод...
- Трето, пред-договорите што купувачите ги потпишале со Лимак биле на над сто страници, меѓу кои бил вклучен и член „според кој изведувачот има право да го менува распоредот во станот“, што било искористено од нив.
- Четврто, најверојатно месечното одржување ќе им биде 1,34 евра по квадрат, што излегува 134 евра месечно „за куќен совет“ за стан од 100 метри квадратни. Се очекува дека кога ќе биде сè пуштено во функција, сумата ќе се искачи на 2 евра.
- На неколкуте прашања поставени до Лимак од компанијата тврдат дека нивните клиенти се задоволни, а што се однесува до хипотеките дека се работи на нивно бришење.
- Против Екрем Имамоглу, притворениот градоначалник на Истанбул, се покренати 142 обвиненија за корупција, за кои е предвидена вкупна казна од 2.340 години затвор.
- Обвиненијата на вкупно 3.700 страници се однесуваат на случаи за проневера, измама и перење пари. Покрај Имамоглу, уште 402 лица од криминалната организација „октопод“ се обвинети за предизвикување штета од вкупно 160 милијарди лири (3,3 милијарди евра) во изминатата деценија.
- Целта на организацијата, според обвинителите, била преземање контрола врз Републиканската партија и собирање фондови за претседателската кампања.
- Имамоглу, кој е во притвор од 19 март, ги отфрла сите обвиненија и тврди дека е жртва на политички прогон, како главен противник на претседателот Реџеп Тајип Ердоган.
- Руската амбаасдорка во Софија смета дека постапките на бугарските власти кон Лукоил се „избрзани и правно сомнителни“ и дека со законот за државно преземање на конртолата на Лукоил тие играат „многу рискантно“ и прават „опасен преседан.“
- Елеонора Митрофанова кажа дека со законот за специјален управител на рафинеријата, кој беше усвоен „брзо во две читања“, не само раководството на рафинеријата, туку и акционерите и сопствениците на компанијата ќе бидат лишено од управувачки права. Притоа, сите одлуки на управителот, вклучително и оние во врска со евентуалната продажба на рафинеријата, не подлежат на административна или судска контрола.
- „Останува да се види како ќе функционира тој закон но во моментов тоа изгледа како експропријација на туѓ имот,“ вели амбасадорката.
- Рафинеријата на Лукоил „Нефтохим Бургас“ е една од најсовремените во Европа, снабдува приближно 80% од пазарот на горива во Бугарија и извезува енергенси во соседните земји.