- Авганистан остана без целосен пристап до интернет, откако талибанските власти пред неколку недели почнаа да ја прекинуваат конекцијата преку оптички кабли.
- Земјата е во тотален интернет мрак, соопшти фирмата за надзор на интернет сообраќај Нетблокс. Прекинот се одразил и на мобилните и фиксните телефонски услуги, кои во земјите со ограничена телекомуникациска инфраструктура ги делат истите оптички линии со интернетот. Нарушени се пристапот преку мобилната мрежа и приемот на сателитски телевизиски сигнал.
- Талибанските власти пред две недели го исклучија пристапот до интернет во неколку региони за да ги „заштитат“ корисниците. „Мерката беше преземена за да се спречат пороците. Алтернативни опции ќе бидат воспоставени низ целата земја за да се задоволат потребите за поврзување“, изјави претставник на покраината Балх.
- Во 2024 година талибанците ја промовираа мрежата со оптички влакна од 9.350 километри како „приоритет“ за приближување на земјата до светот и извлекување од сиромаштија.
- Британија и Франција постепено ќе го укинат договорот за размена на мигранти според принципот „еден внатре – еден надвор“, бидејќи биле депортирани премалку лица.
- Од склучувањето на договорот во август 2025 година па заклучно со 1 октомври годинава, во Франција биле вратени повеќе од 1.500 нелегални мигранти, а во спротивна насока биле префрлени нешто помалку од 1.500 легитимни баратели на азил во Британија.
- Проценетите трошоци за шемата изнесуваат 56.000 фунти по вратен мигрант, што достигнува вкупна сума од околу 84 милиони фунти.
- За споредба, во истиот период повеќе од 40.000 нелегални мигранти пристигнале во Обединетото Кралство со мали чамци.
- Лондон бил подготвен да го продолжи договорот, но Париз одбил, со образложение дека сака шема за враќање на ниво на целата Европска Унија.
- Изминатиот септември беше првиот по 32 години во кој немало ниту еден ураган во Атлантикот. Ова се случило само три пати досега – во 1994, во 1972 и во 1962 година.
- Просекот е 7 урагани во сезона, од кои 2 до 3 се во септември.
- Аномалијата се смета за последица на пацифичкиот климатски феномен Ел Нињо, за кој се предвидува дека годинава ќе биде најсилен досега.
- Оваа година може да биде првата без ниту еден ураган во Атлантикот откако во 1950 година почна да се води прецизна евиденција. Во просек во октомври се формира по еден ураган годишно, а повремено може да има и во ноември.
- Најмалку, само по два, имало во 1982 и 2013 година.