- Обединетите нации открија дека Сирија, под власта на Башар ал-Асад, градела нуклеарен реактор во Деир ез-Зор, во источниот дел на земјата.
- Инспектори од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во август посетиле две локации во Сирија и на една од нив откриле „инфраструктура што одговара на нуклеарен реактор“.
- Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, неодамна изјави дека инспекторите пронашле и неколку тони нуклеарен материјал во Сирија на локација што Дамаск ја пријавил во агенцијата. Ураниумот бил во форма на обложени шипки за гориво за реактор.
- „Агенцијата го верификуваше материјалот и потврди присуство на околу 73 тони метал од природен ураниум. Целиот материјал е под мерки за заштита и надзор“, објави МААЕ.
- Само во текот на јули американскиот претседател Доналд Трамп извршил 1.156 тргувања со акции во вкупна вредност меѓу 79 и 270 милиони долари, според анализа на неговиот најнов извештај за финансиската состојба.
- Севкупно, тој извршил повеќе од 700 продажби во вкупна вредност меѓу 35 и 137 милиони долари и повеќе од 440 купувања во вкупна вредност меѓу 43,5 и 134 милиони долари.
- Само во еден ден - на 20 јули - продал акции на Amazon и Microsoft во вредност меѓу 5 и 25 милиони долари, на Oracle и Costco за 5 милиони долари и на Nvidia за 500.000 до 1 милион долари. (Види: Трамп има голем ќар од форсирањето на ВИ).
- Откако ја почна војната против Иран на 28 февруари, Трамп заработил до 15,5 милиони долари од своите инвестиции во нафтени и гасни компании само поради скокот на цената на бензинот, откри економски комитет на Сенатот.
- Годишниот финансиски извештај покажа дека Трамп лани заработил повеќе од 2,2 милијарди долари од својата мрежа на бизниси и инвестиции, вклучувајќи 1 милијарда долари приходи од крипто.
- Законот за спречување на инсајдерско тргување, усвоен во јули, им забранува на пратениците и нивните семејства да купуваат акции што се тргуваат јавно. Забраната не важи за претседателот, потпретседателот и нивните семејства.
- Белата куќа промовираше нов видео канал кој 24/7 ќе биде фокусиран на претседателот Доналд Трамп и неговите достигнувања.
- Каналот „Trump TV“ на платформата YouTube бил активиран синоќа, со снимка на говор на претседателот од 3 јули. Белата куќа објасни дека ќе бидат објавувани „најдобрите моменти од минатото, соопштенијата и најважните и најзначајните активности на администрацијата – сè на едно место“.
- Ова е реакција на бојкотот на големите телевизиски мрежи насочен против Трамп, откако тој им забрани пристап во Белата куќа на екипи од CNN, MS NOW и Politico. Поради бојкотот, не се слушаше изјавата на Трамп на свечената промоција на новиот хелиодром.
- Веиџија Џијанг, поранешен претседател на Здружението на дописници од Белата куќа, предупреди дека администрацијата, преку ограничувањето на пристапот за избрани медиуми и со новиот канал, има намера да наметне контрола врз известувањето, што е несвојствено за САД.
- „Америка не може да има државна телевизија... Потребни ви се независни актери за да можете да бидете набљудувачи. Ако владата ви го прикажува само она што го сака, мора да се запрашате: Што ни недостасува?“, вели Џијанг.