- Руската нафтена компанија Лукоил потпиша договор со американската приватна инвестициска група Карлајл за продажба на своите средства во странство, од нафтени полиња во Ирак и Мексико, до рафинериите во Бугарија и Романија и мрежа на бензински пумпи.
- Договорот не е ексклузивен и не ги опфаќа уделите на Лукоил во нафтените полиња Карачаганак и Тенгиз во Казахстан и учеството во Каспискиот нафтовод низ кој се транспортира нафтата за извоз до руското пристаниште Новоросијск.
- Не е објавено колку ќе платат Американците. Во документи од 2023 година Лукоил ја наведе вредноста на својот меѓународен бизнис на 22 милијарди долари.
- Договорот мора да биде одобрен од Министерството за финансии на САД, кое поставува низа услови – пред сè префрлање на парите на сметка до која руската компанија нема да има пристап сè до укинувањето на санкциите за Москва. Министерството веќе поништи договор на Лукоил со швајцарската компанија Гунвор, која од администрацијата на Трамп беше оценета како „марионета на Кремљ“.
- Извори на Фајненшл тајмс тврдат дека Карлајл ги задоволува сите услови. „Ќе се стремиме кон оперативен континуитет, зачувување на работните места, стабилизирање на базата на средства и поддршка на безбедни и сигурни перформанси низ целото портфолио“, објави Carlyle.
- Испораките на сурова нафта преку Ормускиот проток во изминатата недела се приближија речиси до нивото пред војната на САД со Иран. Разликата е што американската поморска блокада не дозволува транспорт на иранска нафта.
- Според податоци на Kpler, седумдневниот просек на транзит во понеделникот достигнал 13,5 милиони барели на ден, колку што бил и во февруари од земјите од Персискиот залив, без Иран.
- Извозот на Саудиска Арабија од 6,4 милиони барели на ден го надминал просекот од 5,4 милиони барели во 2025 година. Дел од својата нафта Саудијците извезуваат и преку Црвено Море.
- Сепак, глобалната криза со гориво продолжува бидејќи протокот на рафинирани нафтени производи е 677.000 барели на ден, за разлика од 3,6 милиони барели пред да почне војната.
- Русија и Кина објавија забрана за извоз на дизел. Со забрана за извоз се закани и американскиот претседател Трамп, кој ги притиска европските земји да почнат да ги користат своите стратешки резерви на гориво за да ги спуштат цените на бензинските пумпи.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.