Премиерката на Алберта закажа референдум за тоа дали покраината треба да остане во Канада. Ако на гласањето на 19 октомври тоа биде одбиено, ќе биде распишан нов референдум за отцепување на богатата покраина од Канада.
Премиерката Даниел Смит објасни дека добила две петиции – една со над 300.000 потписи за референдум за независност, и друга со 400.000 потписи за Алберта да остане во Канада.
Сложеното референдумско прашање ќе гласи: „Дали Алберта треба да остане покраина на Канада или Владата на Алберта треба да го почне процесот потребен според канадскиот Устав за да одржи обврзувачки покраински референдум за тоа дали Алберта треба да се одвои од Канада?“.
Смит ја отфрли неодамнешната судска одлука дека не може да се одржи референдум без да бидат консултирани групите на домородните Први нации. „Нема да дозволам правна грешка на еден судија да ги замолчи гласовите на стотици илјади жители. Иднината на Алберта ќе ја одлучат жителите, а не судовите“, изјави премиерката.
Жителите на Квебек двапати на референдум гласаа да останат во Канада - во 1995 година со тесно мнозинство од 50,6% наспроти 49,2%.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.