Пред да се впушти човек во авантура на патување со автобус во време на пандемија, прво се информира што може да очекува за време на патувањето. На автобуската станица во Скопје беше кажано дека се почитуваат препораките и дека автобусот вози со пола капацитет. Човек си вели: Галеб-Охрид, докажан превозник ќе патувам безбедно...
Но реалноста е друга, доживуваш шок. Автобусот кој поаѓаше во 18.30 од Скопје за Охрид полн - 54 патници. Кој прописно си ја ставил маската, кој под брада, а шоферот не реагира. Но нели профитот е поважен од сè.
На наплатна рампа Гостивар, автобусот го застанува полициска контрола (си велиш ето барем кривично ќе одговараат за несовесното работење и уште еднаш нема да си дозволат вакво нешто), но ниту имаше контрола ниту на нешто реагираа.
Пред Кичево на микрофон шоферот информира ”патниците со седишта од број 26 до број 54 во Кичево ќе бидат префрлени во друг автобус”. И така - како компири, кој со маска кој без маска, патниците се префрлија како што вели шоферот “за безбедно да патуваат” . Е така де, до Кичево нема корона, сега веќе е подруго, сега се спасивме безбедни сме и ги почитуваме препораките и протоколите.
На крајот на авантурата која го става во ризик здравјето на патниците (кои со месеци наназад седат дома, не ги виделе роднините и пријателите ), секој нормален ќе си постави прашање како е возможно авио компаниите да работат по протокол а автопревозниците да се вака комотни.
Но уште поважно прашање на кое сакам да добијам одговор е: Кој треба да сноси кривична одговорност? Галеб - Охрид или автобуска станица Скопје или пак полицаецот во Гостивар? Жалам што имам сограѓани кои не ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 (бидејќи го ставaат во ризик и моето здравје), но исто така жалам што и институциите не ги почитуваат протоколите. Сè додека несовесното однесување останува неказнето, уште 10 години ќе бидеме во изолација и ниту една држава нема да ни овозможи да влеземе на нејзина територија..
И сега што? 54 патници наредните 14 дена треба да се под стрес, поставувајќи си прашање дали сопатникот кој беше на 10 цм во седиштето до него е или не е носител на Ковид – 19.