Силеџии на трезнење

Базична лекција по демократско уредување и регулирачки усул на Теофил Панчиќ, по повод паѓањето на Уставен на забраната за ноќно купување алкохол во Белград. Се препорачува за морални паничари кои сакаат да дознаат во што е разликата меѓу државата како рационално организиран сервис на граѓаните и државата како посесивна Семајка која гуши во името на љубовта.

Значи, деца, ај на брзина да минеме еден веќе обработен материјал: законите и прописите во едно цивилизирано општество постојат затоа што човечката природа е таква - малку проклета и пуста - да не може секогаш и во сè баш целосно да се саморегулира, па тек- тук треба малку да ѝ се помогне, да не прави бељи и на себе и на другите.

Затоа постои државата: таа на своите граѓани по нешто им забранува (на пример, да не може да убиваат други граѓани кои заради нешто не им се допаѓаат), или во нешто ги ограничува (да речеме, да не возат по погрешна страна на патот за да не се судираат), во име на некое побитно и поголемо добро, кое е многу пожелно на што поглем број луѓе да им е видливо и разбирливо. Тоа ви е онаа фамозна дијалектика на "права и обврски"; едно без друго не може, барем на подолг рок.

Е сега, демократската држава од тиранската држава се разликува токму по тоа што ги ограничува своите граѓани само таму и само онолку колку што е тоа апсолутно и недвосмилено неопходно. И опсесивно внимава да не ја прејде таа граница; толку опсесивно што попрво ќе потфрли со репресијата отколку со неа да претера. Оттука, државата и власта (вклучувајќи ја и локалната) нема ни да се обиде да чепне во кое било рудиментарно демократско уставно загарантирано граѓанско право, ниту ќе се плетка во работи кои самиот живот најдобро ги регулира. Во спротивно, државата не би била рационално организиран сервис на граѓаните туку некаква тиранска, посесивна Сèмајка која ја гуши својата челад додека се колне дека многу ги сака и се секира за нив.

Сигурно сфативте, цело време зборувам за случајот со ноќната прохибиција на купување алкохолни пијалоци на територијата на Белград после 22 часот, која Уставниот суд пред некој ден конечно ја прогласи за неуставна, па дотичната моментално престана да важи. Ако добро се сеќавам, оваа имбецилна оргија на бесправна репресија траеше околу три години. Уште од самата најава на тој чин пишував и предупредував, упорно и залудно, дека таа работа, освен што е незапаметено дрска и безобразна е истовремено и неуставна и дека едноставно мора да падне пред Уставниот суд. Дали сум јас тоа стручњак за уставно право? Далеку од тоа, но се работеше за нешто што е толку очигледно скарано со елементарните постулати на правното уредување што не мора да сте правнички гениј да го видите тоа.

Да скратиме, суштината е во ова: со оглед на тоа што ова не е Саудиска Арабија или Иран, алкохолните пијачки се легална стока. Исто така, продавниците во кои тие можат да се набават се легални трговски објекти со сите потребни документи. Конечно, полнолетните граѓани кои ги купуваат исто така се легални - нив никој и никогаш не може временски или поинаку да им го ограничува правото за свои пари да пазарат што сакаат. Како збир од три легални може да резултира со нешто нелегеално??? Аналогиите со забраната за пушење овде се промашени: тнр забрана за пушење е само забрана за конзумирање цигари во извесни простории, а не забрана или временско ограничување (на полнолетни лица) на нивното купување.

Намерата да се воведе ваква забрана, правдана со причини од типичниот репертоар на неоконзервативната "морална паника" ("Да не ни се опиваат децата..." Па што им продавате алкхол на деца???), сама по себе беше опасен знак на недопустива авторитарност и арбитрерност на "градскиот режим", но, најалармантно во неа беше отвореното, безобразно и силеџиско игнорирање на добро познатиот факт дека Уставниот суд на Србија ја прогласи истоветната прохибиција во Нови Сад за неуставна, баш тогаш кога таа во Белград беше во фаза на воведување. наместо да извлечат поука и да се повлечат макар и во последен момент, градските главешини лежерно ја игнорираа целата работа и си тераа како ништо да не било. Притоа, на сите, па и на нив, мораше да им биде јасно дека тоа кога тогаш ќе падне, бидејќи едноставно не може да не падне; незамисливо е Уставниот Суд да пресуди на еден начин во случајот на Нови Сад а поинаку во истоветен случај во Белград. Е, ама до тогаш, може да се укнижи некој сладок политички поен кај "тетките со трајни ладни"...

.....

Овде не се работи само за тоа дали некој ќе може или нема да може на полноќ да купи шише пиво. Животот во оваа земја ме научила на секаква "толерантност" и тоа не баш по многу високи критериуми кога политиката е во прашање. Затоа до извесна мерка можам да поднесам и демагози и лопови и разни дежурни муватори во политиката, ама силеџии, е тоа баш никако не можам да го поднесам. Силеџиите ќе мораат да се приведат кон познавање на правото, и точка.

Теофил Панчиќ

12 октомври 2012 - 00:35