
Сè што ни се случува, НИЕ СМЕ ГО ДОЗВОЛИЛЕ.
Со години, со децении...
Со тоа што не си ја работиме работата, со тоа што замижуваме, со тоа што сме шупаци, што главниот критериум е, „ајде бе, ќе помине“, со ситна или покрупна корупција.
Оние што ја познаваат дискотеката, знаат дека тоа е просторија со мала врата. А внатре имало 1.500 луѓе, добар дел малолетни (?), во ниедно време....
Но.
„Дискотеката не е од сега, од дамна е, и ние сме излегувале таму како млади“, вели татко на 17 годишно момче кое било внатре но, за среќа, се спасило од трагедијата.
Со години, со децении....
Пред многу, многу време, бевме скандализирани кога ЕДНО младо лице загина во стампедо во дискотеката на Градски стадион.
Сега имаме преку 50 мртви млади лица, задушени, изгорени до непрепознатливост. Ете до каде дотеравме. И секогаш ОТПОСЛЕ ни текнува да се чудиме „како се дозволило.“
Конкретно, дискотеката имала лиценца. Значи некој дал лиценца во тој стар објект (поранешен магацин за теписони) да има дискотека. И сите знаеле каков е тој објект и во каква функција е.
Овој ќерпич имал лиценца за дискотека.
Со години, со децении....