Продолжува незапирливиот раст на стапката на позитивни тестови (сината и црвената крива на првиот дијаграм), најдобриот индикатор на неоткриените ковид-19 случаи, изворот на идните заразувања. Седумдневната стапка денеска постави нов рекорд со 18.81% позитивни тестови, без наговестување за скоро сопирање. Ова, се разбира, ќе донесе уште поголеми дневни бројки на нови случаи во наредните денови. Зар уште не им е јасно дека немаат капацитет со тестирање да ги откриваат и изолираат новите случаи? Треба ли да стигнеме до 1.000 случаи на ден за конечно да сфатат до кое дереџе нé донесоа со нивната тврдоглавост и популизам?
******
Дури кога, хипотетички зборувајќи, R0 уште утре би опаднал и би се задржал на единица (што моментално е невозможно), би влегле во фаза на „стабилен раст“ со која ВФ беше многу задоволен летото при просечно 120-130 случаи на ден. Но, сега стабилниот раст би значел секој ден по 400-500 нови случаи, а не нула случаи. Иако до сега нашите здравствени власти се повикуваа на европските мерки базирани на превентива, изгледа заспаа и не видоа дека сите веќе преминаа на рестриктивни мерки вклучувајќи и локдаун. Нашите никако да сфатат дека тоа што важело вчера не важи повеќе денес, но и дека европските земји градат стратегија во одење, прилагодена на конкретната ситуација во конкретната земја. Во Србија, на пример, епидемиологот д-р Срѓа Поповиќ најави дека ако дневните бројки стигнат до 500 (еквивалент на 125 во Македонија), ќе преминат на рестриктивни мерки. Значи, стратегијата мора да има некакво копче за стоп.
Кај нас такво нешто не гледаме. Нашите власти се однесуваат како очаен коцкар кој, гледајќи дека губи, наместо да каже „стоп“ и се повлече од игра, упорно продолжува да игра со сé поголеми влогови, надевајќи се дека на среќа ќе се извлече. Но, играњето против трендот е полоша работа дури и од коцка. Кај коцката повремено има и добивки, додека кај епидемијата има само загуби, кои од ден на ден само се зголемуваат.
Тоа е тоа. Каква држава - таков народ и такви стручњаци. Не случајно, според будизмот, за најголемо зло на светот се смета незнаењето.