Септември, 2001, Скопје
Ебате планетата. Доаѓам на дереџе да помислам дека човек едноставно не може на раат да ја протера живеачката, па макар и се скрил меѓу кокичиња планински во некоја тибетска вукојебина.
А почна наивно, со кујната. Во убавите времиња, мислев дека единствено таа штрчи во целиот ред, рад и дисциплина во космосот. Таа и чешмата. Ебате чешмата. Проблемот го решавав палијативно но мирољубиво – ставаш сунѓерче онаму кај што капе и моментално правиш затишје кое ти овозможува да донесуваш мудри одлуки во поглед на следниот оброк. Потоа почнав да го пцујам градов. Идиоти плукаат на улица, абдали не те пуштат да поминеш на пешачки, пијани средношколци ноќе по улици рикаат: Ние не сме Грци, Бугари ни Срби. Ебате градот. Тие проблеми ги решавав со тргање на главата настрана, стискање заби или погласно пуштање музика дома. После на ред дојде државата. И да се расипе времето, опалуваш мантра – „ебате државата“ и психолошки го решаваш проблемот.
А види сега. Седам во град кој е познат по тоа што е сместен во близина на факинг Арачиново и по тоа што во него бомби експлодираат со динамика на земање вибрамицини, а во себе жив среќен си викам: „Их бре, што г'злак сум. А сега да бев во Њујорк?“Нормално, одма наоѓам уште милион причини поради кои треба да сум среќен до небо, да имам константна ерекција, да тргнам во бомбардирање на Шипковица, да се самокатапултирам и да се збичам во Липково, да поднесам илјада амандмани на охридскиот договор, да ми ги прифатат сите до еден и на крај пак да го одбијам, да се јавам во овдешната американска амбасада и во името на капетан Гзим да кажам дека ние од Она ја преземаме одговорноста за нападот врз Америка.
Во меѓувреме смислувам апдејтирани верзии на клетвите од типот „на комшијата да му цркне кравата”: на Њујорк да му се поебе урбанистичкиот план; Пентагон нема ќоше; кој рано рани – лета на сите страни... Логички се просветлувам откривајќи нови силогизми: Попаметниот секогаш попушта, во Њујорк попуштија зградите = авионите се поглупи од зградите...
Правам ретроспективи: авионите ги грабнале од Бостон, а баш од таму полетав за дома. Каква јебитачна среќа имам, не ќе беше чудно ако се најдев во некој од нив. Па оди после објасни се со тие ајваните што ти го грабнале авионот дека си глуп странец, дека имаш симпатии за нивната борба ама дека не ти е баш дојдено да се акнеш во некоја фасада. Или да ми се уарнеше во Њујорк па да останев таму, па додека сабајле шмркам кафе во некоја биртија на Гринич Вилиџ, во тацна да ми паднеше 78-от спрат на Светскиот трговски центар...
Преземам граѓански иницијативи: формирам фонд за обнова на Лешок и Пентагон, отворам жиро сметка за помош на бегалците од Бруклин и Ратае, ги збратимувам општините Менхетн и Вратница, започнувам размена на ученици (мали њујоркчанчиња учат во ОУ Вера Циривири Трена, после нашиве им ги праќаме во ОУ Бритни Спирс), лобирам кај Тодор Петров да ги блокира сите копнени приоди кон островот сè додека и последната цигла од нивниот трговачки центар не биде вратена во својата родна арматура, пишувам молби до македонските власти да ја прогласат Снежана Лупевска за перасона нон грата, за да не ни се врати и да ни навлече уште некој беља...
Пишувам пакосни соопштенија: „Го осудуваме актот на насилство врз братска и пријателска Америка и ја користиме оваа прилика да ја потенцираме нашата недвосмилена поддршка за зачувување на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет на земјата, но сметаме дека ваквите инциденти не треба да го сопрат дијалогот меѓу легитимно избраните претставници и започнатите демократски реформи за унапредувањето на правата на малцинствата...”
Каква мизерија од човек сум станал. Додека на телевизија се вртат сцени кои нормален човек треба да го згрозат, мене, отрпнат како петица на професионален шетач по жар, сето тоа ми личи на сцена од Супермен (Из ит а брд? Из ит а плејн? Јеби га, ит ис а плејн!).
Додека нормален човек треба да се праша како може да помогне кога некој се наоѓа во невоља, јас си ја смирувам совеста со прашалници: Кај им е Брус Вилис сега? Што мајка бараше Рамбо во тројката да тепа Руси и да се дружи со Авганистанци?
По телефон ме растураат луѓе. Освен што ги поврзува тоа што ми го знаат телефонот, ги поврзува и исто расположение. Едни викаат – „Ај аирлија, за многу години нека е” (како да сум ставил терацо за плочките во купатило), други колективно ми ја пеат „падај сило и неправдо”, трети благословуваат „да им се позлати воланот”, четврти ми викаат да свртам на Си-ен-ен пошто го давале вториот дел од 'Лепа села лепо горе'.
Кога ќе прашаш некој од нив откога тој е на иста страна со терористи, вика: „Абе, знам дека сум говно, ама остај ме да се порадувам”.
Можам да замислам кој сè на светов сега наоѓа причина да се сити на бељата што им се случи на Американците: Милошевиќ доаѓа во затворската менза и на цел глас вика: 'Шта пије Шевенинген?' Гадафи и Садам Хусеин разговараат по телефон, легнати на меше си раскажуваат сцени од телевизија и мрдаат со ноџињата како шипарици кога гледат Беверли Хилс. Осама Бин Ладен си ги чепка забите со ракета, вади парчиња овчко од по пола кило од нив и задоволно вика: „тамам, тамам”.
Драги мои љубители на пилоти и секогаш подраги стујардеси, можеби проблемот е во тоа што цел свет отишол у курац, а јас имам само едно сунѓерче дома?
Трендо