Можеби подобро ќе беше овој напис да го насловев „Каде ќе оди...“ зошто тој сега е во критична фаза од својот развој, може да тргне на подобро, но, може да тргне и на полошо.
Според мое мислење последниве години на овој Институт се случиле неколку значајни настани. Професорите кои што го понесоа товарот при отпочнувањето со работа (во 1974 година), веќе се одамна во пензија, но, тие поставија добри темели на Институтот. Нивното заменување со помлад кадар не се одвиваше онака како што би се очекувало. Некои професори уште при крајот на својот работен век примија асистенти, така што нивното заминување во пензија помина без турбуленции. Но имаше професори, кои не се заложија да примат асистент. Тоа се правеше од практични причини. Имено, според тогашните правилници на УКИМ, на примањата на професорите влијаеше и бројот на часови. Значи, ако професорот нема асистент, работата што требаше да ја врши асистентот, или дел од неговата работа, ја вршеше професорот и за тоа тој беше платен. Се разбира приемот на нови работници не зависеше само од Институтот, туку и од МОН, зошто тоа требаше да ги одобри вработувањата на нови лица.
И други фактори влијаеја на состобата на Институтот за психологија: самозаљубеноста, зависта, љубомората, групирањето, подметнувањето и сл., создаваа лоши односи помеѓу вработените, заради што извесен број на наставници го напуштија Институтот. Напуштање на УКИМ е необично затоа што се смета за добро работно место. Но еден број асистенти и наставници си отидоа доброволно. Така, професорката по општа психологија, (со иницијали И.Т.Ц), инаку компетентна професорка, со висококвалитетни трудови, го напушти Институтот. Иако таа никогаш не се пожали, јасно е дека таа го напушти Институтот заради лоши односи на помеѓу членовите на Институтот. Асистенката по клиничка психологија, иако многу ветуваше, самоволно го напушти Институтот заради фактот што после многу години асистентување, не докторира. Имаше уште неколку асистенти (Е. Г, В. С.) кои доброволно го напуштија Институтот. Нивното заменување со нови наставници одеше споро, заради што некои позиции останаа непополнети. Малку професори оставија асистент кој би ги заменил по нивното пензионирање. Професорот по социјална психологија, беше еден ретките што веднаш по пензионирањето беше заменет со асистент, како и професорката по развојна психологија, која исто така остави асистент. Како што спомнав, недостатокот на наставници се разрешуваше така што професорите што останаа си ги поделуваа програмите и часовите од пензионираните професори меѓу себе, така што сега нема непокриена област, но има преоптоварување на наставниците. Јасно е: колку повеќе наставникот има ангажман со часови, толку има помалку време за научна продукција, зошто научната продукција бара голем ангажман. Тоа може да се види од објавените трудови на наставниот кадар сега.
Последниве години се отворија две работни места, односно толку беа одобрени: еден асистент по социјална психологија и еден доцент по психологија на личност, па би сакал, на кратко, да се осврнам на овие случаи. Новопримената асистентка по социјална психологија се претстави со магистратура по психологија и со два труда. Едниот труд е објавен во списанието Антропос (Anthropos 3-4 (243-244) 2016, стр. 91-108), а асистентката е коавтор, а другиот во списанието Reactor - Research in Action. Овие списанија не се реферирани во SSCI, но од објавените трудови се гледа дека кандидатката покажала интерес за научна работа. Фактот што нема труд рефериран во SSCI може да се толерира, со оглед на тоа што има почетно звање. Нешто поинаков е случајот со кандидатката што е избрана за доцент. Таа значи, прескокнала едно звање. Тоа не е незаконски, и во универзитетската заедница се толерира, иако праксата покажува дека за развој на едно лице на универзитет, подобро е ако својата кариера ја започнува од најниското звање, што значи од асистент. Во овој случај, прескокнато е тоа звање. Тоа се практикува на Универзитетите, но за прескокнување на едно звање, треба да се има соодветно образложение, односно предлогот да е подржан со соодветен аутпут. Во конкретниов случај доцентката се претставила со магистратура по психологија, со докторат по психологија и со два труда. Едниот е објавен во списанието Journal of Process Management – New Technologies, а другиот во документите на University American College Skopje, (https://doi.org/10.5281/zenodo.4393650), econstor, стр. 112-120. Ни едно од овие списанија не е реферирано во SSCI. Според тоа, два неиндексирани труда, објавени во списанија што не се занимаваат со психологија, е мал аутпут за да се оправда прескокнувањето на едно звање а за добивање на доцентско звање. За доцент по психологија на личност треба да се избере лице што претходно се покажало во таа област со соодветни трудови.
Сакам да спомнам дека пред неколку години, на истиот Институт беше одбиено едно лице за асистент по психологија, кое се прикажа со два труда реферирани во SSCI а и со други десетина трудови, а во овој случај е примен доцент без труд во списание реферирано во SSCI. Тука се покажува недоследноста (голема недоследност) на Институтот за психологија и произволноста во толкувањето и примената на критериумите за избор. Овие случаи само ја илустрираат нездравата атмосфера што владее на овој Институт.
Ќе спомнам неколку случаи кои, според мое мислење влијаеле на состојбите на Институтот.
Професорката В.А. отиде во пензија пред околу една година но таа не остави лице ќе ја замени. Таа држеше многу предмети и секогаш на предавањата (а и во други прилики) не забораваше да истакне дека таа држи клучни предмети: психички процеси, што е точно. Таа е позната како професор кој што во работниот век прими најмногу асистенти, но не задржа ниту еден. Штом некој од нејзините асистенти ќе докторираше, таа внесуваше нов предмет во наставната програма и веднаш го доделуваше на асистентот. Така се ослободуваше од нив. Последните години таа беше највлијателен член на институтот (редовен професор, 9 години продекан за настава и повеќе години Раководител на Институтот). Под нејзино раководство Институтот не се развиваше. Институтот за психологија последен од сите институти на Филозофски фкултет отпочна со докторски студии (иако имаше квлификувани професори за тоа), последен отпочна со издавање на списание (Психологија: наука и практика) и имаше најголемо влијание во изборот на наставници како на нејзиниот матичен Институт така и на приватните факултети по психологија, избори кои често се вршеа на штета на Институтот.
Во врска со отпочнувањето на докторски студии таа велеше: „Ако јас не можам да бидам ментор, нема да бидете ни вие“. Попушти дури тогаш кога Институтот почна јавно да се критикува по медиумите. Таа не ја подржуваше иницијативата да се отпочне со докторски студии затоа што таа не можеше да биде ментор на докторанти, а не можеше да биде ментор затоа што не ги исполнуваше условите за да биде ментор. Иако се фалеше дека држи најзначаен предмет, таа не се експонира со истражување на проблематиката на тој предмет. Нејзината докторска дисертација, како и нејзината магистратура, беа од областа на интелигенцијата а нејзина општа хипотеза беше дека интелигенцијата може да се подобри со вежбање.
Ако таа успееше да ја докаже таа хипотеза, ќе беше најдобар психолог на сите времиња. Од таа област нема објавено ниту еден труд. Нејзините наоди од докторската дисертација ниту едно стручно списание по психологија не сака да ги објави. За 40 години работа на ФФ таа не објавила ниту еден истражувачки труд од областа што ја предавала. Пардон, има објавено еден труд (Mira Klarin, Ana Pororoković, Slavica Šimić Šašić, and Violeta Arnaudova, Some characteristics of social interactions among adolescents in Croatia, Bosnia and Herzegovina, and Macedonia, Psychology Research and Behavior Management, 2012; 5: 163–172), но не од областа што ја предавала. За што пишува во овој труд? За љубовта кај младите.
Таа се појавува како четврт автор на трудот, што значи таа вршела асистентска работа за првиот автор, која тогаш беше вонредна професорка на Универзитетот во Задар.
Инаку, во академската средина вообичаено е најдобрите трудови на едно лице да бидат од областа од која тоа лице докторирало.
Не е лошо да спомнам уште една професорка (Е.Л.), инаку редовен професор при Институтот. Таа целиот работен век има објавено четири труда:
* John Dewey’S educational theory and educational implications of Howard Gardner’s multiple intelligences theory. International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education, 2016, 4(2), pp. 57–66.
* Time perspective as predictor of meaning in life. International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education, 2014, 2(1), pp. 25–30.
* Intercultural education: Analysis of the primary school textbooks in the republic of macedonia. International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education, 2013, 1(2), pp. 51–56.
* Implementation of Bologna process at the SS. Cyril and Methodius University in Skopje: A view from inside, International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education, 2013, 1(1).
Како што може да се забележи, сите трудови ѝ се објавени во едно списание. Според насловот, ова списание објавува трудови од областа на когнитивните истражувања во науката, инжeнерство и образование, значи, од речиси сите области. Професорката, меѓутоа нема ниту еден труд објавено во списанија што објавуваат трудови од областа на психологијата. Каде таа треба да ја демонстрира својата компетентност, пред инженери или пред психолози? Таа, редовен прифесор, треба да се прикаже со трудови пред други професори по психологија а не пред инженери. Може да се рече дека и кај психолозите се забележува тенденцијата своите трудови да ги објавувваат во „леви“, односно гранични списанија, очекувајќи дека така полесно ќе ги поминат строгите рецензии на стручните списанија. Се разбира пожелно е да се објавуваат трудови и во гранични списанија, но мое мислење е дека секој научник треба најпрво да се покаже компетентен во својата област а не компетентноста да ја извлекува од трудовите објавени во гранични списанија.
Со ваква изборна и развојна политика, најмногу се оштетени оние професори кои чесно си ја вршеле својата работа.
Вообичаено е дипломираните психолози да објавуваат трудово во списанието Психологија, во издание на Српското друштво по психологија. Ова списание е висококомпетентно и е реферирано во SSCI. В.А. се појавува како главен рецензент при приемот на нов кадар на другите институти или Факултети за психологија (приватни) и тоа тогаш кога требаше да се прими несоодветен кадар. За да се прими несоодветен кадар, требаше рецензија и таа секогаш беше тука да излезе во пресрет.
Да го изнесам, на кратко и случајот на професорот О. С. Тој беше поранешен асистент кај В.А. После докторирањето, нему му се додели нов предмет, а како проаѓаше времето, неговиот обем на работа се зголемуваше. На некој начин, тој постана „девојка за сè“. Кога во светот почна да се зборува за позитивна писхологија, на кого му беше доделена од страна на Институтот, ако не на ОС? Последниве години се зборува за еволуциска психологија. Кој ќе предава ако не ОС? Според мое сознанаие, тој е најангажиран професор при Институтот. Со знаењата што ги има, со неговата трудољубивост и афирмација, во ОС гледам иден (Про)ректор на УКИМ.
Случајот на професорот по социјална психологија, М.П., е повеќе интересен отколку што е негативен. Тој се појавува како автор на повеќе висококвалитетни трудови (11 според Scopus) но тој е автор и на уште околу 20 други трудови. Инаку, тој е најцитиран автор на Филозофски факултет и е еден од најцитираните автори од областа на социјалните науки. Aко се погледне подетално во трудовите во кои тој се појавува како автор, клучните зборови во трудовите а и насловите на списанијата, ќе излезе оваа слика: како автори на трудовите се појавуваат повеќе лица, но ни на еден труд тој не се појавува како прв автор. Исто така, овие списанија не се бават со социјална психологија туку со здравствена или клиничка психологија.
Иако секој труд објавен во виосококвалитетно списание е од интерес и придонесува за афирмацијата како на лицето така и на Институот, би требало тој да се јави со труд од областа што ја предава, односно во списанија по социјална психологија. На големо изненадување на псхилоштвото, овој професор откако неодамна замина во пензија, прими асистент, што е многу добра работа , затоа што ќе нема прекин во наставата по сосцијална психологија.
Да спомнам, сега други работи што ја одбележуваат работата на Институтот за психологија. Неодамна беше објавено едно истражување од професор на еден од приватните универзитети, под наслов Когнитивно функционирање на децата на возраст од 7-15 години. Истражувањето привлече големо внимание кај психолошката а и кај другата јавност. Со право, зошто според моето мислење, ова истражување е најзначајно истражување од областа на психологијата извршено последниве десетина години кај нас. Според наодите од истражувањето сите деца кои учествувале во истражувањето, повеќе од 2.000 деца, имале проблем со вниманието, концентрацијата, брзината на реакција, визуопросторната ориентација, егзекутивните функции кои претставуваат ментален капацитет значаен за дефинирање на цели, планирање на начинот за доаѓање до целта и успешно извршување на дадениот план. Се очекуваше – а и ред беше – свое мислење за истражувањето, приказ, осврт, рецензија или оцена, да даде релевантен професор од Институтот за психологија при УКИМ. Но, од таму – ништо, молк.
Институтот за психологија како да не постои. Од член на Институтот не е одржано ниту една трибина, семинар, работилница, советување, и сл. Очигледно е дека Институтот за психологија при УКИМ го губи својот примат. Постепено но сигурно, приматот го превзема еден од приватен универзитет по психологија кој е присутен во јавноста со разни активности.
Една светла точка на Институтот за психологија последниве години беше одбележувањето на 50-годишнината од отпочнувањето со работа на Институт за психологија, при Филозофски факултет, УКИМ (1974 година). За ова одбележување се одржа, би рекол, грандиозен собир а најзаслужен за тоа е раководителката на институтот, проф. д-р Ана Фрицханд. Таа не само што беше најангажирана околу припремата на овој собир, туку таа се заложи и доби финансиска помош од ОБСЕ и од Израелската Амбасада, при што членови на ОБСЕ и на Амбасадата присуствуваа на собирот. Главни предавачи беа познати професори од Израел. Големо беше и присуството на дипломираните психолози, пензионираните професори и на други лица.
Сакам да спомнам дека помеѓу присутните на Собирот не можеше да се забележи неодамна пензионираната професорка, ВА, иако беаше уредно поканета, како што беа поканети и други лица, гости и пензионирани професори. Таа, наводно, не била задоволна со третманот од страна на Институтот, очекувала да има главна улога во организацијата на Собирот. Со нејзиното бојкотирање на собирот таа изразила негативен став кон истиот. И без неа, ослободени од нејзините стеги, членовите на Институтот, организираа величествен Собир.
Ја изнесов , на кратко, состојбата на Институтот, при што големо внимание посветив на односите повеѓу вработените, на изборот и напредувањето на наставниците (како најважен фактор во работата на Институтот), на нивниот научен аутпут. Сè на сè, од изложеното, а и според општото мислење на психолоштвото, се гледа дека Институот за психологија при УКИМ, последниве години има надолен тренд.
Тој се наоѓа пред распаќе: може да продолжи да оди надолу или можеби да тргне нагоре. За да тргне кон горе. Институтот треба да ги прифати - критериумите од првите професори: од пријавените кандидати да се одбере најквалификуваниот. Членовите на Институтот се или ќе бидат изложени на притисоци да примат определени лица. И првите професори биле изложувани на такви притисоци. Но тие биле сложни и се придржувале кон предложениот принцип. Тој е јасен и јак критериум, лесно се брани, тешко се оспорува. Придржувајќи се кон овој принцип, тие направија Институт што беше ценет и почитуван. Сега членовите на Институтот треба да одлучат по кој пат ќе тргнат.
Има извесни знаци дека, сепак, ќе тргнат нагоре. Им посакувам среќа.
Јане Илиев